Спасовски: За 50 отсто намалени обиди за илегална миграција и зголемена ефикасност на МВР во откривањето на криумчари на мигранти

од Stefanija Kuzmanovska

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за дневникот на МТВ, запрашан за состојбите на миграцијата односно обидите за илегален влез во државата, потенцираше дека безбедносната состојба на територијата на нашата земја и по тоа прашање е безбедна и стабилна, без никакви индикации на нарушување.

„Морам да кажам дека нашите резултати се исклучително добри во справувањето со миграциските токови. За овој период од годината имаме за 50% намалени обиди за илегално преминување на границата и тоа покажува дека Министерството за внатрешни работи е добро поставено, не само во чувањето на државната граница туку и на територијата на државата, заради тоа што од друга страна имаме зголемување на ефикасноста во откривањето на криумчарењето на мигранти. Досега имаме околу 68 случаи на криумчарење на мигранти коишто се откриени, на над 700 мигранти кои што требало да бидат прокриумчарени, што е една висока стапка на ефикасност во откривањето на криумчарите на мигранти и токму од тој аспект, Република Северна Македонија не е атрактивна како рута за преминување. Затоа преминуваат преку другите рути како Бугарија-Србија или пак заминуваат преку Албанија и преминуваат понатаму во Црна Гора и Босна и Херцеговина“, рече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски истакна дека договорот со Фронтекс и заедничката соработка која што ја имаме со колегите од Фронтекс, а која што започна во април, дава исклучително добри резултати и дека заедно сме насочени кон спречување на илегалните обиди и откривањето на криумчарењето на мигранти. Но, потенцира министерот, проблемот со илегалните мигранти може да се реши само со заедничка политика која треба да ја спроведуваме заедно со државите членки на Европската унија, затоа што таков висок безбедносен ризик и предизвик бара заеднички пристап и заедничко решение.

„Само со заедничка политика можеме да имаме успех во справувањето иако генерално сметам дека и ЕУ и Светската организација и сите релевантни фактори треба многу повеќе да се занимаваме со решението на проблемот во изворот на проблемот. Мора да се понуди добар живот на тие луѓе, да има мир и стабилност во земјите од кои што тие тргнуваат, ако сакаме да го решиме проблемот со миграцијата, инаку само ќе се справуваме со последиците“, потенцираше Спасовски.

Слични содржини