Спасовски: Заканувачките пораки на ученици во нашите училишта се рефлексија од случувањата во соседството

од Radmila Tasevska

Пријавите и заканите од страна на ученици во нашите училишта се рефлексија на случувањата во нашето соседство. Станува збор за едно детско невнимателно однесување кое сепак предизвикува реакции, посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој денес коментирајќи ги заканувачките пораки на ученици во нашите училишта рече дека за секој еден случај се постапува. Информира дека засега не пронашле сериозност во пораките, но дека превентивно се постапува и се преземаат потребните акции за секој случај.

-За секој случај којшто е идентификуван за секој се реагира, се постапува со социјалните служби, со раководството на училиштата, родителите во истиот момент и засега немаме состојба која укажува на сериозност во намерата да биде преземено што било, меѓутоа превентивно во секој момент кога ќе дознаеме каква било информација веднаш реагираме, изјави Спасовски.

Испрати апел до родителите и до учениците за сериозно и одговорно однесување, а на раководствата на училиштата им порача да го подигнат степенот на одговорност и внимание. Оцени дека случувањата во Србија ја подигнале свесноста кај сите.

-Ова што се случуваше во соседството ја подигна малку јавната свест кај сите нас за заеднички да делуваме. Ова е многу важно од семејството преку образовните институции па до секој еден од нас и медиумите секако да ја подигнеме јавната свест, рече Спасовски.

Додаде дека Министерството и пред случувањата во Србија преземало активности, односно веќе постојат механизми насочени кон безбедноста на учениците, а тие механизми биле засилени по дојавите за поставени бомби во училишните објекти.

-Секоја недела еднаш се прават опсежни контроли кои подразбираат контрола на лица, возила, безбедноста на сообраќајот се со цел да превенираме одредени активности и тоа дава извонредни резултати барем досега. Се покрена иницијатива пред сите овие случувања заедно со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука, токму во овој дел на преземање на други мерки кои би значеле дел од работа на социјалните служби и поврзување со Министерството за внатрешни работи заради безбедноста, се со цел да се работи со лица, ученици коишто немаат добро поведени или можат да направат одреден безбедносен проблем или нарушување на безбедноста, информира Спасовски.

Слични содржини