ССНМ огорчен за нападот врз новинарите во Кичево

Кога целиме на итна реакција со должност потсетуваме дека во Кривичниот законик е впишан членот со кој нападот на новинар се третира како напад врз службено лице, велат од ССНМ.

од Бети Божиноска
274 прегледи

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) со огорченост ја прими информацијата за физички атак на извршителката Весна Јакимовска од Кичево врз колегата Фуркан Салиу од „ПорталИкс“.

„Особено веста за телесните повреди кај колегата и уништувањето на дел од нивната опрема при вршењето на новинарската секојдневна пракса не поттикнува да бараме итно разрешување на овој инцидент,“ велат од ССНМ.

ССНМ смета дека вакво однесување на лица кои треба да спроведуваат делови од правниот систем во земјава кон тие што се „будно око” на општеството е за брза постапка на надлежните и во тој контекст со задоволство ја дочекавме веста за брзата реакција на Основното Јавно обвинителство во Кичево кое по известувањето за настанот ги издаде потребни наредби и насоки за расчистување на случајот.

Според сознанијата на синдикатот, предметот е евидентиран во статистиката на пријавени нападнати новинари што ја води Јавното обвинителство. Оттаму и најава за брзо дејствување со цел да биде донесена брза одлука за натамошниот тек од постапката.

„Кога целиме на итна реакција со должност потсетуваме дека во Кривичниот законик е впишан членот со кој нападот на новинар се третира како напад врз службено лице и обвинителството нема пречка да отвори предмет по службена должност и да го гони напаѓачот,“ велат од ССНМ.

Со надеж дека колегите ќе бидат и заштитени, и ќе имаат сатисфакција за нанесените повреди и штета, ССНМ предупредува дека „употреба на сила врз членови на заедницата која врши професија информирање и која е од јавно значење од страна на лица кои треба да спроведуваат судски одлуки може да биде протолкувано како отворање на повик за насилство и од други професии.“

„А нам ни престојат избори во кои новинарите одново може да бидат најлесната мета, состојба на која предупреди и мисијата за мониторирање на изборите, ОБСЕ/ОДИХР,“ предупредуваат од синдикатот.

 

Слични содржини