ТВ24 тврди: Груевски се уште се крие во Албанија?!

од desk4

Никола Груевски се уште не ја напуштил територијата на Албанија, тврди ТВ 24повикувајќи се на добро упатени извори во Тирана.

Како што објави телевизијата, според нивните извори сосема било извесно дека Груевски вечерва ќе побегне од Албанија по морски пат и тоа најверојатно во правец на Грција.

„Очекувани се три рути преку кои Груевски би одел, од Валона, од Саранда или од едно помало приморско градче. Последната позната дестинација се очекува да биде Турција, каде исто така би пристигнал преку море. Груевски, велат нашите извори од саботата бил засолнет во мало погранично село, со целосна логистика што му овозможила да биде добро сокриен“, објави ТВ24.

А еве што велат унгарските власти, како и властите на Албанија и Црна Гора:

Кабинетот на Орбан – Груевски побарал азил во унгарска амбасада надвор од Македонија, па во Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски ја изразил желбата да побара политички азил во унгарска амбасада надвор од Македонија и Унгарија нема никаква врска со неговото излегување од Македонија, вели Гергеј Гујаш, шеф на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, објави пред малку новинската агенција Ројтерс. Тој не кажува во која земја е унгарската амбсада во која Груевски искажал намера за барање за азил, ниту како од таму стигнал до Будимпешта. Според него, Груевски не се сретнал со Орбан откако е во Унгарија.

Кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера соопшти дека Груевски го поднел барањето за азил во Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта.

Гергеј вели дека унгарските власти досега не добиле официјално барање од Македонија за екстрадиција на Груевски.

Никола Груевски влегол во Албанија преку Пустец, преспал во Унгарската амбасада, па продолжил кон Црна Гора

Според албанските медиуми, екс премиерот Никола Груевски на територија на Албанија влегол преку Пустец, пренесе ТВ21.

Изворите велат дека ноќта во саботата на 10 ноември Груевски престојувал во Унгарската амбасада во Тирана и утредента со автомобил на граничниот премин Хан Хоти поминал со лична карта околу 19.11 за да влезе во Црна Гора.

Министерството за внатрешни работи на Црна Гора соопшти вечерва дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски на 11. месецов влегол во Црна Гора и во истиот ден излегол од таа држава.

– По повод наводите објавени во медиумите, како и интересот на медиумите за ова прашање, а кои се однесуваат на тоа дека поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември 2018 година, во интерес на информирање на јавноста ве известуваме за следното: Никола Груевски влегол во Црна Гора на наведениот ден и истиот ден излегол од земјата, се наведува во соопштението од црногорското МВР.

Во соопштението се дополнува и дека црногорската полиција во овој случај „во целост ги испочитувала законските процедури”.

Претходно, Албанската полиција соопшти дека Груевски преку Албанија заминал за Унгарија.

Секторот за граница и миграција при албанската државна полиција во соопштение наведе дека Груевски Албанија ја напуштил на 11 ноември во 19:11 часот преку преминот Хан Хоти-Муриќан, на албанско-црногорската граница, како патник во автомобил со регистарски ознаки CD1013A, сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана.

Унгарските власти денеска објавија дека Груевски побарал политички азил во унгарско претставништво надвор од Македонија, но отфрлија каква било инволвираност во неговото бегство.

Слични содржини