Учениците се вратија во училишните клупи

од Nikola Popovski

Основците и средношколците се вратија во училишните клупи. Почна второто полугодие. Прв пат годинава ќе имаат и пролетен распуст, од 29-ти април до 6-ти мај.

Владата дополнително ќе решава дали учебната година за основците ќе биде продолжена за уште два дена поради двојните избори в среда, на 24 април и 8 мај, кои ќе бидат неработни денови.

Термините за изборите кои дополнително беа закажани, не се опфатени во пролетниот распуст.

Покрај пролетниот распуст за сите ученици и продолжената учебна година за основците, новина во второто полугодие ќе биде и постепената примена на нов електронски дневник (Е-дневник). Како пилот-проект ќе се воведе во 40 основни и средни училишта во неколку општини во државава за да се отстранат евентуалните слабости пред да се употребува во сите училишта. Изготвен е со поддршка на ЕУ преку ИПА-фондови.

Пред неколку години целосно беше повлечена хартиената форма на дневникот и воведен Е-дневник, но се појавија проблеми во функционирањето – пад на системот поради што податоците требаше да се воведуваат постепено и во периоди. По реакции на наставниците, повторно беше воведен хартиен дневник, а воедно почна и ИПА-проект за креирање нов електронски дневник кој ќе биде пофункционален од претходниот.

За време на зимскиот распуст, Владата на предлог на МОН, усвои два предлог-закона – за средно образование и за средно стручно образование и обука, кои треба да ги заменат актуелните од 1995 и 2007 година. Тие се проследени во Собранието и се очекува да бидат донесени од овој пратенички состав. Министерот Шаќири ги повика парламентарците да ги изгласаат новите закони затоа што постојните, како што рече, не соодветствуваат со реалноста.

Слични содржини