Вељаноски: Уставниот суд донесе одлука за изборите 2016 година, немаше правен преседан

од Aleksandar Todeski

Поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски вели дека Собранието во 2016 година не направило правен преседан за изборите, бидејќи Уставниот суд бил тој кој ја поништил одлуката за распишувањето на изборите. Вели, за одлуката на Уставниот суд ќе коментирал во друга прилика, но сакал да образложи што и како се случувало во 2016 година, кога се одложија изборите, а тој беше претседател на Собранието.

„Со оглед на развојот на настаните поврзани со ширење на пандемијата Covid-19, јас сум за одложување на изборите и нивно презакажување за период кога ќе биде извесно дека истите нема да влијаат на загрозување на здравјето на граѓаните“, пишува Вељаноски на Фејсбук.

Според него, вистината е поразлична од тврдењето дека веќе имало правен преседан кога Собранието било распуштено па се вратило во заседание.

„1. Прво, на 87-та седница одржана на 18 јануари 2016 година се донесе одлука за распуштање на Собранието која одлука имаше одложено дејство односно со примена од 24 февруари 2016 година.
2. Второ, бидејќи тогашната опозиција не се согласуваше да има избори (иако беа во Пржино договорени) и имаше најава од опозицијата дека нема да учествува на избори, поради тоа пред да стапи примената на одлуката за распуштање на Собранието на 95-та седница одржана на 23 февруари 2016 година Собранието донесе одлука за измена на одлуката за распуштање, со тоа што примената наместо на 24 февруари да биде на 7 април 2016 година.
3. Трето, Собранието согласно изменетата одлука на 7 април 2016 година се распушти и се донесе решение за одржување на избори на 5 јуни 2016 година.
4. Четврто, откако се распушти Собранието и се донесе решение за избори, Уставниот суд со одлука У.бр.104/2016 во мај 2016 година ја поништи одлуката за распуштање на Собранието и врз основа на таа одлука на Уставниот суд, Собранието продолжи да работи се до 17 октомври 2016 година“, образолжува поранешниот собраниски спикер.

 

Слични содржини