Во Украина гинат и деца: Врховната рада ги претстави податоците собрани од УНИЦЕФ

од Stefanija Kuzmanovska

Врховната рада на Украина денеска соопшти дека од почетокот на руската инвазија загинале 501 дете, 961 е повредено, додека 401 се водат за исчезнати и ја повика меѓународната заедница да ги консолидира напорите за заштита и ослободување на украинските деца.

Во соопштението се цитираат податоци собрани од УНИЦЕФ, кои проценуваат дека „околу 20.000 деца биле насилно депортирани на територијата на Русија од привремено окупираните територии на Украина или територии кои биле под руска окупација“.

„Според достапните информации, повеќе од 1.000 украински деца се наоѓаат на територијата на Белорусија во рамките на одлуките на самопрогласениот претседател на Република Белорусија, како и поединечни одлуки на сојузната држава“, се вели во соопштението.

Парламентот наведува дека злосторствата врз украинските деца се грубо кршење на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето од 1989 година и дека Русија наводно ги носи децата на одмор и рехабилитација, но во реалноста насилно ги затвора, не дозволувајќи им да се вратат кај нивните родители.

„Русија не дава списоци на депортирани деца и одбива да преговара за нивното враќање. Поради противењето на руската страна, од почетокот на сеопфатната вооружена агресија на Руската Федерација против Украина, вратени се само 361 дете“, се вели во соопштението.

Поради тоа, Врховната Рада на Украина ја повикува меѓународната заедница да донесе соодветни одлуки во врска со одлучната осуда на присилната депортација на украинските деца и да изрази јавна поддршка за активностите на Меѓународниот кривичен суд, особено во однос на истрагата и гонењето на злосторства на геноцид.

„Украинскиот парламент ги повикува органите за спроведување на законот на другите земји да им помогнат на државните органи на Украина и на Меѓународниот кривичен суд во собирањето докази поврзани со вмешаноста на Русија и нејзините претставници во присилната депортација на украинските деца“, се вели во соопштението.

Парламентот, исто така, ја повика владата на Украина да ги преземе сите можни мерки за да му обезбеди на комесарот за човекови права на Советот на Европа, на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации и на Комитетот на ОН за правата на детето целосни списоци на депортирани деца од 2014 година до сега.

Слични содржини