Вувузели, навреди, палење: Тензии и хаос во Собранието поради францускиот предлог

од Nikola Popovski

Тензии и хаос на првиот ден од расправата на собраниската седница на која се разгледува Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската унија на 30 јуни 2022 година.

После паузата од еден час побарана од страна на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати премиерот Димитар Ковачевски, објаснувајќи зошто треба да се прифати францускиот предлог. Во тој момент, пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица почнаа со тропање по масите, вувузели и свирчиња да го попречуваат говорот на премиерот, така што едвај можеше да се слушне нешто.

По завршување на говорот, Ковачевски беше нарекуван „предавник“ од страна на опозициските пратеници, а доби аплаузи од владеачкото мнозинство.

После тоа се обрати пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, кој упати остри зборови кон премиерот.

„Ќе скапеш во затвор, ќе скапеш. Може да се смеете до утре сабајле, ние ова ќе го реализираме, се закани Ковачки, по што со зипо-запалка се обиде да го запали францускиот предлог. Неколкупати се обиде да запали, но таа не проработи, па го искина предлогот со раце.

Тоа што не му успеа на Ковачки, го направи пратеникот Јован Јаулески кој го запали предлогот и го фрли на подот од Собранието.

Опозициските пратеници ги исвиркаа сите пратеници од СДСМ кои говореа пред останатите колеги, освен пратеникот и лидер на ДС, Павле Трајанов.

Продолжението од седницата се очекува денес во 11 часот, а пријавени за збор се околу 40 пратеници. Откако ќе се исцрпи расправата, ќе следува гласање за заклучоците од преговарачката рамка.

Слични содржини