Зајкова за „широк предизборен фронт“: Ќе дадеме поддршка за се што значи движење напред кон Европа, но мораме да ја видиме програмата

од Nikola Popovski

Доколку постои таква идеја за следните избори, како посебен политички субјект треба да разговараме со останатите партии кои би влегле во таа коалиција, на што би се засновала, на кои програмски цели и идеи. На крајот од денот, секоја коалиција се заснова на концепти – дали се наоѓаме или не на истиот пат, вели за „Локално“ претседателката на ЛДП, Моника Зајкова откако вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ја отвори можноста за формирање широк проевропски фронт во насока на поддршка на евроинтегративниот процес во земјава.

Таа порача дека како партија ќе дадат поддршка за се што значи движење на работите напред кон Европа.

-На крајот од денот граѓаните одлучуваат кој ќе ја води државата. ЛДП е посебна партија со своја програма и стратешка цел ориентирана кон членството во ЕУ. На нашиот Конгрес рековме дека ќе бидеме една од партијата која до крај ќе го изоди европскиот пат и ќе даде поддршка на се она што значи движење на државата напред и ќе коалиција и соработува за се она што е од интерес на граѓаните и државата, ни рече Зајкова.

Сепак додава дека за влегување во таква широка коалиција, како партија ќе им бидат важни и реформите во правосудството.

-Кога правиш коалиција, се е битно од програма до се како ќе движи. Не е само на слепо „ајде сега европска коалиција ќе правиме“. Што ќе прави таа? Кои се приоритетите, за што ќе се залага, кои ќе ѝ бидат целите? Членството во ЕУ е стратешка цел, но таа европска коалиција треба да значи реформи во повеќе области. Се изнаслушавме еден тон програми, а гледаме дека стагнираме во место, оценува Зајкова.

Во однос на најавените уставни измени, претседателката на ЛДП напоменува дека нема ништо спорно во нив, доколку значење движеше напред за државата.

-За нас како либерали, не е спорно да се случат уставните измени ако се чекор што значи движење напред за државата. За тоа не треба да има којзнае какви коалиции за да се случат. Се остава на свеста дали ќе ја движиме државата напред или нема. Ако е последната пречка како што викаме – ајде да ја прескокнеме и да движиме. „Црногорско сценарио“ не е пресликување или нешто што треба да не заплашува. Треба да покажеме висока државна свест и кои ни се стратешките цели по кои ни се движи државата. По идеологии можеме да се разликуваме, ама што ни е државата политика сите имаме одговорност. Не може некој да се изема и цело време да се делиме на предавници и патриоти, а знаеме дека тоа ни се условите за напредок. Време е да седнеме и да кажеме каква политика да водиме за да се интегрираме и да дадеме поддршка, категорична е Зајкова.

Н.П.

Слични содржини