Заев и Царовска на пуштањето во употреба на спортска сала во Јегуновце (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска во придружба на министерката за образование и наука Мила Царовска и со градоначалникот на Општина Јегуновце Дарко Блажески како домаќин ја пуштија во употреба комплетно изградената и опремена спортска сала во Општинското основно училиште „Александар Здравковски” во населеното место Јегуновце.

На површина од 650 метри квадратни, спортската сала се состои од комбиниран терен за повеќе спортови, со канцеларии за наставници и соблекувални, и е комплетно опремена со спортска опрема и реквизити за играње и изведба на повеќе спортови и спортски активности како што се мал фудбал, ракомет, одбојка, кошарка, гимнастика. Оваа спортска сала има дел и опрема за здравствено образование и следење на физичкото здравје на учениците, што е од исклучителна важност за комплетниот развој на учениците.

„За нас како Влада вложувањата во спортот, особено во спортските објекти во училиштата, е исклучително важен фактор за развојот на прогресивно и инклузивно општеството какво што е нашето. Дополнителното унапредување на оваа наша определба го овозможува спортот со неговата социјална интеракција и со позитивното влијание во градењето на основни етички принципи за заедништво, особено кај младата популација”, истакна премиерот Заев во изјавата за медиумите.

Тој додаде дека и во ова училиште, во кое учат околу 220 ученици до деветто одделение, се создадени сите неопходни услови за современа образовна и спортска средина, како дел од системот во кој едукацијата и организираните физички активности ќе го јакнат квалитетот на живот на младите генерации.

Министерката за образование и наука Мила Царовска во својата изјава ја нагласи важноста на инвестициите во инфраструктурата во образовниот систем

„Вложувањето во образовната инфраструктура е една од основните три компоненти на планот за реформирање и модернизација на националниот образовен систем кој го понудивме и го спроведуваме како Влада, покрај вложувањата во квалитетни наставни програми и учебници и јакнењето на капацитетите и унапредувањето на општествениот статус на наставниот и стручниот кадар во училиштата. Добрата образовна инфраструктура го зголемува задоволството кај учениците од посетата и престојот во училиштето и го стимулира совладувањето на знаењата, а воедно значи и унапредени услови за работа и зголемена сатисфакција при работењето на наставниците и стручните соработници, што секако дава подобри резултати”, нагласи Царовска.

Градоначалникот Дарко Блажески потенцираше дека еден од врвните приоритети на Општина Јегуновце е грижата за современи услови во училиштата во локалната самоуправа, како и инвестициите во инфраструктурните спортски објекти кои се реализираа во соработка со централната власт и кои со децении беа запоставувани.

Салата во Јегуновце е дел од проектот за изградба и опремување на 145 спортски сали од кои досега се завршени 30 во средните училишта, 60 во основните училишта, а уште 7 во основните се во фаза на изградба.

Слични содржини