Заврши расправата за Предлогот на Закон за данок на солидарност, ќе се гласа дополнително

од Radmila Tasevska

На 120 седница во Собранието на Република Северна Македонија, денеска заврши општиот претрес по Предлог на закон за данок на солидарност, а гласањето по предлогот ќе биде дополнително закажано.

Спроведувањето на Предлогот на закон за данок за солидарност, како што се вели во објаснувањето од министерот за финансии Фатмир бесими до пратениците, ќе предизвика позитивни фискални импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија во износ од околу 4,7 милијарди денари.

Пратениците од ВМРО –ДПМНЕ оценија дека Владата повторно го искористува европското знаменце и дека овој закон ќе значи само дополнителен товар за граѓаните кои редовно плаќаат данок.

– Македонија е прва земја во Европа која воведува ваков закон, никаде на друго место ваков закон и ваков данок не е воведен. Секторите кои се опфатени во европските земји со данок како резултат на енергетската криза се донесува само на одредени области. Кај нас се носи Закон за солидарност, кој ќе ги опфати сите стопанственици кои во 2022 година оствариле приход поголем околу 10 милиони евра, и законот добива наслов за солидарност, но за да може компаниите да плаќаат солидарно, најпрво Владата да покаже солидарност, посочи Ангелинка Петкова, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Панчо Минов рече дека дава поддршка за предлог законот, тој посочи одредени примери во други земји во кои ваквите даноци имаат за цел одреден поврат на средствата во насока на санирање на последиците врз буџетот предизвикани од кризата.

Грациа Бакраческа пратеник од ВМРО-ДПМНЕ рече дека опозицијата иницирала јавна дебата, но дека власта не сакала да го слушне мислењето на бизнис секторот и јавноста, а со тоа се појавил сомнеж за тоа каде и за што ќе се потрошат парите од данокот.

-Сите сме свесни дека овие пари ќе завршат во сомнителни проекти, во нечии џебови, во буџетската дупка која ја креиравте со Бехтел и Енка и за тендери во четири очи. Со воведувањето на нови даноци и зголемување на постојните се продолжува со уништување на македонската економија, ваквото решение на власта е само потврда за неспособноста за справување со сивата економија во Република Македонија, оцени таа.

Слични содржини