Дескоска: Правото на ученичко учество и организирање ќе биде опфатено во Законот за средно образование

од desk2

Училиштата и факултетите треба да бидат “школи на демократија” – Правото на ученичко учество и организирање ќе биде опфатено во Законот за средно образование, истакна Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, којашто имаше свое обраќање на конференцијата посветена на ученичкото организирање насловена „Зајакнување на ученичкото учество во процесот на донесување на одлуките во средните училишта”, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер и Здружението за едукација, активизам и развој (LEAD).


Таа потсети дека на денешен ден се донесени два значајни документи кои се посветени на правата на децата. Едниот, Меѓународната декларација за правата на детето и вториот, Конвенцијата за правата на детето. Дескоска изрази жалење што и покрај конвенцијата којашто содржи гаранции, во светот постојат деца изложени на насилство, експлоатација, глад, недостаток на услови за здрав и квалитетен живот, но и деца кои немаат обезбеден пристап до образование, бидејќи наместо во училишта, тие се предмет на искористување на нивниот детски труд преку просење или преку принудна работа.

„Затоа денес, но не само денес, треба да се потсетиме на значењето на здружена активност на државите, невладиниот сектор и меѓународната заедница за имплементација на правата од Конвенцијата за правата на детето. Правата на детето се бедемот кој ги штити децата од државата, од другите деца, но и од возрасните, но и од прекршувања во името на наводното “општо добро”. Правата на децата промовираат мултидимензионален развој на личноста на детето. Тие се инструмент за заштита на достоинството на детето и наметнуваат стандарди за однесување на државните институции“, посочи Дескоска.

Додаде дека како министер ќе се залага за училишта како “лаборатории за граѓански активизам”, бидејќи за да се создаде владеење на народот е значајна работа, но има една уште позначајна, а тоа е да се одгледа народ за владеење.

„Ученичкото организирање е значајна можност за “демократска едукација”. Преку здружувањето, учениците учат за начините на организирано остварување на своите права и интереси. А со учеството во процесот на одлучување, вежбаат демократија, но и се коректив на возрасните кога се одлучува за прашања кои се од интерес на учениците“, рече Дескоска.

Најави дека во текот на процесот на измена на Законот за средно образование, е опфатено и правото на учениците да се организираат и да учествуваат во одлучувањето во училиштата, со внесување конкретни гаранции за истото.

Слични содржини