Изетбеговиќ: Тврдењата за паравојска се куп глупости

од Vladimir Zorba

  Бошњачкиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ синоќа изјави дека тврдењата оти организира илегална обука на паравоени формации претставуваат „куп глупости“.

Тој оцени дека планови за паравојски всушност постојат „кај тие кои ги пласираат таквите глупости“.

Обвинувањата дека Изетбеговиќ „подготвува разни вооружени организации за напад врз Република Српска“ ги изнесе претседателот на српскиот ентитет во БиХ, Милорад Додик, откако претходно белградскиот весник „Вечерње новости“ објави дека бошњачкиот член на босанското Претседателство „организира илегална обука на паравоени формации“ и дека обуката ја минале 9.000 Бошњаци на возраст од 18 до 35 години.

– Постојат разни организации кои се формираат кај муслиманите. Тоа ни е познато и за тоа имаме информации подолго врме. Не ме интересира што мисли Бакир Изетбеговиќ и ако постои вооружување, тогаш тоа е илегална структура надвор од системот, изјави Додик.

Коментирајќи ги ваквите обвинувања во изјава за телевизијата Н1, Изетбеговиќ рече дека „тоа се еден куп глупости“.

– Меѓутоа, се плашам дека тоа е неточна формулација. Мислам дека во сето тоа има план на тие, кои преку такви медиуми, пласираат такви глупости, изјави Изетбеговиќ.

Запрашан кои се „тие“, Изетбеговиќ изјави дека не сака да шпекулира, но дека треба да се види од каде доаѓаат обвинувањата.

– Такви работи доаѓаат од Србија и Република Српска. Тие кои се вооружуваат, кои купуваат нови авиони, кои се закануваат со дисолуција на БиХ и референдуми, кои наградуваат воени злосторници и кои ги слават воените злосторници… сакаат да има некој од другата страна кој ќе провоцира и ќе имаат оправдување за своите постапки, рече Изетбеговиќ.

Тој нагласи дека бошњачката страна и босанските патриоти нема да направат ништо што би можело да ги вовлече БиХ и регионот во конфликт.

Слични содржини