Кумашинот на Рашковски регистрирал адвокатска фирма пред 2 месеца

од Vladimir Zorba
 Дејан Костиќ, кумашин на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, е дел од адвокатското друштво КВЦ (Костиќ, Велковски и Цветаноска) кое е ангажирано за адвокатски услуги на неколку владини институции, пишува НоваТВ, која открива дека ова адвокатско друштво е формирано пред неполни два месеца, на 27. јули годинава, а по само неколку дена добива повеќе ангажмани од владини институции.

Основачи на Адвокатското друштво КВЦ се Дејан Костиќ, Велимир Велковски и Теодора Цветаноска. Рашковски му е венчан кум на Костиќ, кој претходно бил самостоен адвокат од 2014 се до денот кога станал дел од адвокатското друштво. И Велимир Велковски во изминатите седум години бил самостоен адвокат, а Теодора Цветаноска има 27 години и од јули годинава стана партнер на двајцата адвокати.

На обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, од Владата одговорија дека адвокатската канцеларија на Костиќ е ангажирана за регистрација на именуваните функционери во Централниот регистар. Сите други правни работи Владата ги врши преку својот правен сектор со лица вработени во минатите 10 години.

Костиќ за НоваТВ вели дека при изборот на Адвокатското друштво КВЦ од Владата нема никакви законски пречки или судир на интереси и бара од политичките партии да не ја политизираат работата на нивната канцеларија и да не се употребува за дневно – политички цели.

– Ова укажува на конфликт на интереси. Функционер на владата ја користи својата функција за да му овозможи на свој близок да остварува финансиска добивка од буџетот на владата. Како правник, Рашковски мора да знае што е конфликт на интереси и што е непотизам. Моќта на кумовските врски во македонската политика ја видовме во десетте години на груевизмот и не смееме да ги затвораме очите и да ги премолчуваме неприфатливите повторувања на лошите практики. Заев е на потег – коментира Владимир Милчин.

Слични содржини