Седумнаесетти ден по истата маршута, од фонтаната спроти Авона до плоштад „Сармаале, се движеа граѓаните поддржувачи на граѓанското движење „Протестирам“ и на „Шарената револуција“. Попатно ги скандираа добро познатите пароли „ Нема правда нема мир“, „Апаши“, „Мафија на робија“, „Готово е Никола“, „Затвор за фашистите“, „Чади баба оди си“, „Бардовци за Илија“, „Поддршка за СЈО“ и ја пееја револуционерната песна „Абре Македонче“- јави ДУМА.

Кога стигнаа на фонтаната на „Сармаале“ пред граѓаните се обрати Дејан Ристов од граѓанското движење „Протестирам“ кој им се заблагодари на сите досегашни храбри граѓани, кои секојдневно протестирајќи и на сонце и на ветар и на дожд беа истрајни во барањата за одложување на изборите на 5 јуни и отповикување на аболицијата на Претседателот Иванов.

„Протестирам во Велес, затоа што до пред пет години постоеше граѓански сектор што важеше за пример во државата, критичар на секоја власт но и силен сојузник на општина Велес. Што се случи со него? Дел од него владеачката партија го стави под своја капа и го загуши а другиот дел го заплаши и замочи. Само неколку организации останавме, како островца во океан, непокорени и неосвоени и храбро му пркосиме на режимот. И не се предаваме затоа што сме и ќе останеме поддржувачи на граѓанската иницијатива, збор и мисла бидејќи Македонија е граѓанска држава,“ рече Ристов.

Заблагодарувајќи им се на организаторите, на вечерашниот протест, што му овозможиле да го каже својот став поранешниот член на Советот на Општина Велес од опозицискиот блок, Дејан Арсовски рече дека е горд што седумнаесет вечери чекори низ велешките улици заедно со слободоумни и непокорни граѓани.

„Горд сум што чекорам заедно со млади луѓе, преставници на генерации кои добро знаат што значи живот во партизирана држава со партизирано судство, образование, вработување и партизиран систем. Ако си добар и имаш своја идеја зар треба да станеш државен непријател? Зар требаше Велес да стане град кој има најголем број на исселени млади граѓани, рекордер во државата, и од кој уште се селат. Има ли поголем пораз од ова? Сограѓани кои што сеуште се колебате дали да излезете на протестите или да останете дома и да молчите сакам да ви порачам дека молкот и игнорирањето нигде не водат. Само револтот и пркоста ќе не одведат до победата,“ рече Арсовски.

На протестот зборуваше и потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, кој го започна обраќањето пред велешани со тоа што им соопшти дека е горд што десет години протестира во Скопје, Битола, Прилеп, Охрид, Гевгелија, Струмица, Куманово Велес и во цела Македонија а сега продолжува со упорни, смели, достоинствени и горди граѓани кои се заслужни за одложените избори на 5 јуни а сега се борат за отповикување на аболицијата од Иванов.

„ Неможе ништо да не спречи во тоа што е неодложно а тоа е уривање на режимот на Никола Груевски. Протестираме затоа што се бориме за подобар живот, за правда, за слобода, за мир за да има правда за да има мир. Бетонот на ДПМНЕ пукна, нема да има избори на 5 јуни. Ветивме и нема да има избори на 5 јуни. А избори ќе има и тоа тогаш кога ќе се исполнат сите услови за фер и демократски изборен процес. Но тоа нема да бидат избори на кои ќе споредуваме изборни програми, идеи, платформи. Следните избори ќе бидат референдум на кој граѓаните ќе одлучат да гласаат за Груевски или да гласаат за Македонија. На тие избори, на тој референдум не смее да има неопределени. Ќе мораме да ги повикаме сите граѓани тогаш на тој референдум да излезат и да го дадат гласот против Никола Груевски,“ рече Манчевски.

Тој додаде дека многу скоро ќе се формира техничка влада што ќе ги исполни условите за одржување на фер и демократски избори.

Од Протестирам најавија дека наредниот протест во Велес ќе го одржат во недела со почеток во 18.30 часот од кружниот тек кај Авона./У.Ј

 

Слични содржини