Нови пожари кај Моране и Матка, АРМ ангажирани за Требовље

од desk2

Во Северниот скопски плански регион попладнево се појавил нов пожар на потегот од село Морани кон село Студеничани т.е. Вртекица.

Исто така на потегот Матка-Шишево повторно се разгорува пожар. Пожарот е на сртот и нема опасност за палење висока шума, заради конфигурацијата на теренот. Инаку теренот е непристапен за сите видови возила и се следи од вработените на ЈП „Паркови и зеленило“.

Како што попладнево соопшти Центарот за управување со кризи, пожарот кај Осинчани кон Држилово на местото викано Гороглед попладнето се префрлил преку патот и на лице место се ангажирани сили на ШС Караџица. Со оглед на непристапноста на теренот се очекува гасење на пожарот од воздух. БППЗ е ангажирана на следните локации на пожари: Месност Црн Камен ( Рамно) на Скопска Црна Гора, Грачани, Осинчани, Студеничани (Вртекица).

Во Пелагонскиот плански регион пожарот во атарот на село Подвис е локализиран. На местото има екипи на ЈП „Македонски шуми“ – Крушево и ТППЕ Крушево. Гореше нискостеблеста деградирана шума. Од страна на екипите се чува пожарот со цел да не се активира. Пожарот во атарот на селото Дрен – Смолани е активен. Од утрово на терен дејствуваат екипи на ЈП „Македонски шуми“ – Прилеп и Кавадарци, ТППЕ Прилеп и мештани. Гори нискостеблеста дабова шума, чалија, смрека и друго. Во Југозападниот плански регион, се наведува во соопштението од ЦУК, во овој момент зголемена опасност има кај селото Калуѓерец каде пожарот е во непосредна близина на куќите. Се работи за пожарот што се префрли од селото Могилец. На теренот екипите дејствуваат, но се бара интервенција од воздушни летала. Во моментов ангажирани се АРМ (за пожар во с.Требовље и дел од атар на с.Растеш), два хеликоптера (атарот на с.Брест од правецот на м.в Фојник). ЈП „Македонски Шуми“ од Македонски Брод се ангажирани за дејствување на пожарот во атар на с.Брес и моментално пожарот е ставен под контрола.

Пожарот во селото Девич е локализиран.

За пожарот во атарот на с.Могилец присутни се ТППЕ Македонски Брод и ТППЕ Кавадарци, како и месното население на Могилец. Пожарот во атарот на селото Близанско во месноста викана Брдо и Круша, кој поново беше активиран и премина во Фојник, во моментов е ставен под контрола по дејство на хеликоптерите.

Слични содржини