ОН: Во југозападна Сирија загрозени 55.000 деца

од Vladimir Zorba

Хуманитарните организации на ОН проценуваат дека околу 55.000 деца во југозападна Сирија имаат потреба од помош и се изложени на ризик од глад.

Сириските владини сили, со поддршка на руската Армија, минатиот месец презедоа контрола врз југозападна Сирија, при што за време на офанзивата, според податоците на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), околу 270.000 лица биле принудени да ги напуштат своите домови.

Меѓу нив има и околу 55.000 деца. кои се изложени на опасност и им се заканува смрт, наведува УНХЦР.

ОН предупредија дека офанзивата на сириската армија против бунтовниците во југозападна Сирија, долж израелската граница на Голанската Висорамнина, резултира со хуманитарна катастрофа на тие подрачја.

– Тоа што посебно не загрижува е ограничениот хуманитарен пристап. Тоа е неприфатливо, изјави потпаролката на Канцеларијата на Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) во Аман, Џулиет Поума.

Според организацијата „Спасете ги децата“ во последните неколку недели голем број деца во југозападна Сирија починале или се разболеле, затоа што пиеле загадена вода, дехидрирале или биле каснати од змии или шкорпии.

– Станува збор за прашање на живот или смрт за тие деца. Тие се изложени на воздушни напади и бомби и немаат пристап до хуманитарна помош, изјави потпаролката на „Спасете ги децата“, Керолин Енинг.

Таа информира дека организацијата со помош на локални партнери на сириски деца им поделила нараквици за идентификација во случај да бидат разделени од своите семејства за време на „масовното раселување“.

– Тоа што се случува во Сирија е депримирачки. Повикуваме на примирје со цел хуманитарците да продолжат со својата работа и конвоите со хуманитарна помош да стигнат до овие подрачја, порача Енинг.

Слични содржини