Побарана дисциплинска постапка против актерот Тони Михајловски

од Vladimir Zorba
Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски нареди да се поведе дисциплинска постапка против актерот и уметничкиот директор на Македонскиот народен театар, Тони Михајловски поради неговите закани по живот упатени кон новинарот Бранко Тричковски.
Од министерството „најостро го осудуваат јавно искажаниот говор на омраза од страна на актерот Михајловски“ и сметаат дека освен кривична одговорност, постои и дисциплинска одговорност во театарот во којшто е вработен.
Со оглед на тоа што станува збор за актер-првенец во МНТ, Алаѓозовски директно го повика директорот Дејан Пројковски да постапи согласно законот и да поведе дисциплинска постапка за повреда на угледот на установата.
Михајловски на својот фејсбук профил му се закани на новинарот Тричковски дека лично „би го убил без да му трепне око.“ Дисциплинска постапка за заканите кон Тричковски побараа од Здружението на новинари на Македонија.

Слични содржини