Предлогот за разрешување на Зврлевски пристигна во Собрание

од Vladimir Zorba

Предлогот за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски е потпишан од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и денеска пристигна во архивата на Собранието, информира АлсатМ.

Парламентарното мнозинство едногласно изјави дека ќе гласа „за“ неговото разрешување. Координаторот на парламентарната група на СДСМ, Томислав Тунтев изјави дека нема бегство од реформите и очекува опозицијата да не интервенира процедурално за блокирање на разрешување на Зврлевски.

За разрешување на досегашниот јавен обвинител Марко Зврлевски ќе гласаат и партиите на Албанците кои се дел од парламентарното мнозинство. Според координаторот на парламентарната група на ДУИ, на чело со Јавното обвинителство треба да се постави експерт од полето на судството.

„Како нова влада, нормално е да се предложи до Советот на обвинители разрешување на Зврлевски и ние како парламентарно мнозинство ќе гласаме за негово разрешување“, изјави Ејуп Халими, ДУИ

„Ние како парламентарна група ќе го поддржиме разрешувањето на државниот јавен обвинител. Го сметаме како едно од најодговорните лица за кризата и состојбата која ја имаме во системот на правда. И како лице и како институција, како општо обвинителство“, рече Фадил Зендели, Движење БЕСА

„Ангажирани сме за независно, праведно, неконтролирано, деполитизирано, декриминализирано судство. Секако дека главниот збор во вакво судство е на Главниот јавен обвинител, што значи дека ние ќе поддржиме секаква иницијатива за разрешување на главниот обвинител“, истакна Сурија Рашиди, Алијанса за Албанците

Од ВМРО – ДПМНЕ само рекоа дека јавниот обвинител Марко Зврлевски беше тој кој го истражуваше досегашниот премиер Зоран Заев за случајот „Мито“ и поради тоа Заев сака што побргу да го смени од позицијата. Минатата недела, Советот на јавни обвинители со мнозинство гласови гласаше за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски, одлука која подоцна се усвои и од Владата.

Останува на спикерот Талат Џафери да закаже седница за разрешување на Зврлевски, на која може да биде присутен и самиот тој. За неговото разрешување потребно е обично мнозинство, или 61 пратеник./АлсатМ

Слични содржини