Два противпожарни авиони и армиски хеликоптер се обидуваат да го локализираат пожарот и речиси до стемнување постојано беа во акција.
Во попладневните часови се појавил пожар на мешана шума од левата страна на браната Матка, на непристапен терен. Пожарот се шири кон браната Матка и кон планината Водно. Околу 15:30 часот пожарот се префлил и на десната страна од браната и се шири кон селото Шишево. Неколку екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје се испратени на терен.
Пожарот во атарот на село Подвис кон село Локвени е се уште активен. Гори нискостеблеста деградирана дабова шума. Попладнето пожарот во делот кон село Локвени е локализиран, но се префрла по ридот накај селата Алданци и Норово. На терен се екипи на Територијалната противпожарна единица Крушево, ЈП „Липа“, ДЗС-Битола, ТППЕ Кривогаштани и интензивно се работи на негово гаснење.
Пријавен е пожар на нискостеблеста дабова деградирана шума во атарот на село Житоше, а на терен се вработени од ЈП „Липа“. Пожарот е делумно локализиран, но екипата е се уште на терен и работи на целосно изгаснување.
Во пожарот кај село Корито, кој од лева страна, односно од селата Гургурница и Порече се движи кон село Корито, гори сува трева. За гасењето на пожарот испратена е екипа на „Македонски шуми“ Гостивар, а месното население веќе дејствува.
„Македонски шуми“-Тетово интервенираат на опожарена нискостеблеста шума и сува трева над село Копанце, општина Јегуновце.
– Се работи за пожар кој пред четири дена беше активен од страната на селата Радуша и Дворце од скопскиот регион. Направен е пресек за пожарот да не се спушти надолу кон селото каде што има и мала шума. Засега нема опасност од проширување и опожарување на шумата, информира ЦУК.
Пожарот кај скопското село Студеничани е се уште активен.
Околу 12 часот денеска е локализиран пожарот во атарот на село Видовиште, кој се движел во правец на манастирот „Света Петка“. Состојбата се следи, а на терен се останати екипи од Територијалната противпожарна единица и Шумското стопанство „Осогово“.