СКАНДАЛ Војник на АРМ тепал на крвавиот четврток, па „скриен“ во мисија во Авганистан!?

од Vladimir Zorba

 Професионален војник, вработен во Армијата на Република Македонија, учествувал во инцидентот на 27 април во Собранието, но набрзо потоа бил испратен во мировна мисија во Авганистан, тврди министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Таа соопшти дека веќе се пратени податоци до полицијата, кои треба да помогнат во истрагата да се открие, како што рече, дали високопозиционирани лица во нејзиното министерство се обиделе да го скријат војникот испраќајќи го во мисија. Како што истакна министерката, војникот бил идентификуван од снимките при упадот во Законодавниот дом и тој наводно бил дел од групата што физички се пресмета со пратениците и го нападна сегашниот премиер Зоран Заев. Безбедносните експерти од земјава тврдат дека постои процедура за нечие заминување во воена мисија, бидејќи како што велат, војникот мора да помине посебна обука и да ги исполни сите пропишани акти, а дури потоа да се најде на списокот со имиња. Според познавачите, во изминатите години само повластени и партиски војници добивале шанса да одат на такви мисии, па како што објаснуваат, ако еден војник добива шанса да оди во Авганистан и да заработи многу пари, тогаш истиот тој војник чувствува должност да го прави сето она што му го кажува партијата, па дури и да изврши насилен упад во Собранието.

 Некој го крие војникот насилник

Војникот што учествувал во толпата што насилно упадна во Собранието во моментов е на мисија во Авганистан, а како што истакна министерката Шекеринска, таму како војник на АРМ добива над 2.000 евра плата, но како што рече, во Министерството за внатрешни работи и во Одбраната веќе е започната процедура за да се дознае кој преку ред го ставил неговото име на списокот за мисијата.

– Истрагата првин се однесуваше на лицата сторители, учесници во насилството, но исто така неопходна е истрага за оние што сето тоа го организирале. Одреден број податоци испративме до МВР, кои треба да откријат дали одредени високопозиционирани лица од Министерството за одбрана се обиделе да го скријат овој професионален војник од правдата и го испратиле во Авганистан – рече Шекеринска.

Таа истакна дека е свесна за силните притисоци за партизација од минатото, кои, според неа, значително ја намалиле мотивацијата кај професионалците во секторот.

– Професионализацијата на Армијата ќе биде една од постојаните политики и таа ќе биде важна за Македонија да биде членка на НАТО и да ја гарантира безбедноста на своите граѓани – рече Шекеринска.

Како што дознаваме, војникот во Авганистан е еден од вкупно десетте припадници на Армијата, вработени во Одбраната и професори на Воената академија, кои се идентификувани дека на 27 април влегле во Собранието откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Сашо Василевски им ги отворија вратите. За сите нив се води дисциплинска постапка, а исто така постојат сознанија дека уште дваесетина вработени во Одбраната биле во првите борбени редови по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.

 Конкретна цел

Воениот аналитичар и безбедносен експерт Благоја Марковски вели дека не е точно прецизирано кога војникот бил испратен во мисијата, бидејќи како што вели, многу важно прашање е дали тој се вклучил во контингентот или бил дополнително испратен.
– Претпоставувам дека војникот бил пратен заедно со контингентот, но само дополнително бил вклучен во тој контингент. За да се замине во воена мисија, војникот треба да исполнува неколку услови, односно да помине обука соодветна за таа мисија. Тој процес трае подолг период, почнувајќи од објавувањето на потребата за учество во мисијата и дефинирањето на бројот на македонски војници што би учествувале, а дури на крајот се прави конечниот список за тоа кои војници ќе заминат во мисија – објаснува Марковски.

Тој вели дека, ако се точни тврдењата дека името на војникот преку ред било ставено на списокот, тогаш тој навистина не би имал време да ги помине сите процедури и обуки.

– Неговото име на списокот било ставено со конкретна цел, односно што е можно побрзо да замине од Македонија и да не може да одговара за сето тоа што го сторил на 27 април во Собранието. Исто така, ја поздравувам одлуката на министерката Шекеринска да покрене процес за сите други припадници на АРМ кои биле во Собранието и учествувале во насилната толпа. Секако, не постои никаков проблем војниците да демонстрираат и да го искажуваат своето незадоволство преку протест, но проблем е тоа што тие го нарушиле јавниот ред и мир, а исто така го нарушија угледот на Армијата – вели Марковски.

(Објавено во „Слободен печат“)

Слични содржини