Странските волонтери со месеци чекаат виза за Македонија

од desk2

Во ЕУ Инфо центарот денеска претставници на младинските организации и ресорните институции имаа можност на заедничка дискусија да ги разгледаат предизвиците во процесот на издавање на виза за привремен престој за волонтерите на Европскиот волонтерски сервис и да дискутираат за можните решенија во насока на надминување на овие предизвици.

Во изминатиов период, организациите кои работат со ЕВС (Европски волонтерски сервис) програмата, се почесто се соочуваат со проблеми на оддолжен процес на издавање на виза Д за европски волонтери кои доаѓаат во Македонија.

„Дури 46% од акредитираните младински организации кои во изминатиот период биле домаќин на европски волонтери во рамките на Еразмус + програмата чекале повеќе од 4 месеци за издавање на виза за привремен престој за своите волонтери, а 54% од нив чекале повеќе од 2 месеци. Сложеноста на процедурите за регулирање на престој за волонтерите, која е иста како и за регулирање на престојот на имигрантите, од една страна, како и ниското ниво на комуникација помеѓу ресорните институции по ова прашање од друга страна, се најчестите причини за ваквите состојби. Потребно е да се пристапи кон промени на Законот за странци во насока на олеснување на постапката за регулирање на престој за волонтерите од Европскиот волонтерски сервис“, истакна Зоран Илиески, извршен директор на Коалиција на младински организации СЕГА.

Ваквата состојба со одолговлекување на процесот на издавање на визи за странски државјани преку ЕУ програмата ЕРАЗМУС + се рефлектира со откажување на волонтери од проектите, губење на средства, но и нанесува штета врз угледот на нашата држава во очите на државјаните на ЕУ, за што сме видно загрижени. Заклучоците од националната работилница кои ги вклучуваат предлозите на младинските организации ќе бидат доставени до Министерството за надворешни работи и останатите засегнати институции.

Слични содржини