Талат Џафери повторно во „главна улога“: Ќе ја одглави ли комисиската дебата за буџетот?

од desk4

ВМРО-ДПМНЕ доби уште една шанса да ја продолжи расправата за Буџетот во матичната комисија за финансирање и буџет. Комисијата е закажана за утре. Доколку претседателката Лилјана Кузмановска ја одложи Комисијата, тогаш со неа ќе продолжи да претседава власта.

За да се одблокира работата на ова тело тоа оди во рацете на претседателот на Собранието, Талат Џафери, дознава ТВ 24 од собраниски извори.

Џафери ќе ги искористи своите овластувања и најверојатно уште утре ќе постави свој претседавач. Според информациите на ТВ 24 нов претседавач ќе биде Васко Ковачевски.

Инаку претседателка на оваа комисија е Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ која по апсењата поврзани со 27 април годинава неколкупати ја закажува и ја одложува Комисијата.

Денеска се одржа и седница на законодавно правната комисија посветена на Буџетот за 2018 година. На седницата отсуствуваа пратениците од опозицијата. Претседателката Соња Мираковска од НСДП рече дека морала да ја закаже ова седница бидејќи роковите течат.

„Да изразам жалење зошто на комисијата не се присутни колегите од опозицијата, имаме дебата, но немаме дијалог, бидејќи роковите течат денес на законодавно правна комисија, моравме да ја отвориме општата расправа. Доцневме неколку дена чекајќи колегите да ја продолжат комисијата за финансирање и буџет. Претседателката на комисијата и денес ја одложи расправата за утре. Очекувам дека утре на финансирање и буџет и на законодавно правна комисија ќе имаме не само дебата, туку и дијалог за буџетот за 2018 година.“ – вели Соња Мираковска, претседателка на законодавно-правна Комисија.

Кузмановска не одговараше на телефонските повици и на СМС пораките. Иако побаравме не добивме и официјален став од штабот на ВМРО-ДПМНЕ зошто нивните пратеници не присуствуваа на комисијата.

Од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ пак велат дека немаат конечна одлука дали ќе ја напуштат комплетно работата на Собранието. Според нив сите опции се отворени. По инцидентот на 24 декември 2012 се смени деловникот за работа на Собранието и се ограничи буџетската расправа во Собранието. Според планот Буџетот за 2018 година би требало да се стави на гласање пред пратениците до 18 декември.

Слични содржини