„Не треба да се прејудицира дека доколку Македонци имаат сметки во Панама, тие се поврзани со нелегални пари. Сепак, тоа треба да се провери. Новинарите и истражувачите ќе ги прават достапни информациите етапно и по фази и тогаш треба да се види дали воопшто македонски државјани имаат сметки, какви се тие, дали се лични, компаниски и зошто настанале“, изјави Слаѓана Тасева од „Транспарентност Македонија“ на прашањето за евентуалната поврзаност на македонски државјани со аферата „Панама пејперс“.

slagjana taseva

По протекувањето на 11 милиони документи од базата на една од најголемите адвокатски фирми од Панама, „Мосак Фонсека“, кои откриваат како политичари и бизнисмени перат пари, голем број држави побраа пристап до информациите за да можат да ги проучат и да дејствуваат по повод евентуално затајување данок.

На прашањето дали македонските институции можат да поведат ваква истрага, директорот на Финансиска полиција, Александар Тргачевски, за „Мета“ изјави дека и да се поднесе барање за пристап до информации, офшор-компаниите нема да одговорат бидејќи имаат политика на деловна тајна.

– Државите кои важат за т.н даночни раеви не даваат информации. Доколку постојат индиции за одредено име или компанија, тогаш можеме преку државите партнери кои веќе ги имаат документите, да обезбедиме одредени информации – вели Тргачевски и додава дека не е спорно основањето на офшор-компании.

Но, според него, треба да се види од кои побуди се отворени овие сметки бидејќи може да се случи да кријат пари кои се криминални.

Документите „Панама пејперс“ покажуваат дека компанијата со децении им помагала на клиентите да перат пари и да избегнуваат плаќање даноци. Документите ги добил германскиот весник „Зидојче цајтунг“ и ги споделил со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари од Вашингтон и со други медиуми, вклучувајќи ги „Би-Би-Си“ и „Гардијан“.

 

META

Слични содржини