ВМРО-ДПМНЕ: Законот за двојазичност е неуставен и креира поделби

од desk2

Законот за двојазичност е неуставен и креира поделби во Република Македонија, и истиот не е во согласност со итните реформски приоритети, сметаат од опозицијата.

„Двојазичноста на целата територија која ја планира СДС го девалвира македонскиот јазик и неговата употреба, кој од официјален јазик, станува само еден од двата службени јазик на територијата на државата, иако него го говорат над 2/3 од населението. СДС спротивно на уставот и европските вредности спроведува целосна двојазичност. Двојазични ќе станат сите централни институции, судовите, обвинителствата, нотарите и извршителите во цела држава, сето тоа на крај ќе го платат македонските даночни обврзници, пари кои наместо во нови инвестиции, патишта, училишта, болници, градинки и други инфраструктурни објекти ќе завршат во спроведување на двојазичноста која нема да му помогне никому да овозможи подобри услови на своето семејство, подобро школување на своите деца и шанси за напредок и успех во животот, туку ќе ги зголеми ѕидовите помеѓу граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, двојазичноста не ја приближува државата кон ЕУ и НАТО, туку ја оддалечува и ја враќа назад во минатото кон нови поделби. Тие додаваат дека воведувањето на двојазичност освен што не носи реална корист за граѓаните, ќе им направи и дополнителен трошок, при што за оваа цел би биле издвоени скоро 9 милиони денари.

„Владата предвидува и ригорозни казни за сите кои нема да ја почитуваат двојазичноста, па така глоби до 5.000 евра ќе плаќаат институциите и одговорните лица во нив, кои ќе ја прекршат двојазичноста. За спроведување на казнената политика ќе се формира Инспекторат, чие формирање со првичниот Буџет државата ќе ја чини над 7 милиони денари, пари на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини