Во Велешко уште еден пожар, северозападно од селото Горно Јаболчиште

од Vladimir Zorba

Нов шумски пожар избувнал попладнево, околу 14:30 часот северозападно од велешкото село Горно Јаболчиште, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи во Велес.

Како што информира Златко Костов, дежурен во овој центар, повеќе од два часа на овој терен гори нискостеблеста деградирана борова шума наречена кривул. Пожарот се уште никој не гаси поради тоа што вработените од Шумското стопанство „Бабуна“ се ангажирани во гаснење на пожарот кај Дреново.

Се уште е активен и пожарот во близина на велешкото село Дреново каде четврти ден гори нискостеблеста дабова шума, јасен и бука. На терен во негово гаснење се 30-тина лица: вработени од Шумското стопанство „Бабуна“ од Велес и од Дирекцијатаза заштита и спасување.

– Претпладнево пожарот беше гаснет од воздух со авионите на Дирекцијата и со хеликоптери на АРМ, информира Костов. Со овој пожар е зафатена површина од над 70 хектари најразновидна шума.

 Во велешкиот регион активен е и пожарот под Солунска глава во масивот на Горна Јакупица. Во моментов гори во реонот на Иванов врв, во месноста Бела Вода, а поради непристапниот терен од карпи,  овој пожар, со кој е зафатена нискостеблеста шума, не може да се гаси од земја, информира Подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување во Велес.

Целосно денеска е изгаснат и вториот крак од пожарот кај велешкото село Богомила во месноста викана Бела Вода. Пожарот е изгаснат попладнево во 13:30 часот со помош на екипи од ЈП „Шумско стопанство „Бабуна“ и авионите на Дирекцијата за заштита и спасување.

Кај Богомила вчера беше изгаснат пожарот кој беше во непосредна близина на манастирот „Св. Спас“, со интервенција на месното население и вработени од Шумското стопанство „Бабуна“ и авионите на Дирекцијата за заштита и спасување.

Слични содржини