Заев: Ќе ги поддржиме сите проекти на општина Могила

од desk4

Важно е општина Могила да го фати чекорот со цела Македонија и затоа барам поддршка бидејќи општините ни се многу важни и е важно во кој правец тие ќе се движат, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев на вечерашниот митинг во општина Могила и јавно побара поддршка за Јасмина Гулевска да биде избрана за градоначалник на таа општина.

Тој нагласи дека составен дел на програмата на Владата е рамномерниот регионален развој.

– Нема сеопшт развој во Македонија, ако нема рамномерен општински развој во државата. Ќе ги поддржиме сите проекти на општина Могила, а како премиер ќе го помогнам проектот за ново сообраќајно поврзување на општина Могила со општина Прилеп преку селото Добрушево со поврзувањето со селото Канатларци. Ќе ги поддржиме сите проекти во 22-те општински села и ќе отвораме нови работни места за младите да останат во Могила, да работаат и да ја планираат својата иднина и семејство, рече Заев.

Посочи дека е познато дека општината е во лоша финансиска состојба, но, вели, ќе ја помогнеме да се стабилизира.

– Ние како Влада сериозно ќе застанеме зад општините во државата кои во овој момент имаат вкупно 380 милиони евра долгови. Со директна поддршка ќе им помогнеме да ги вратат обврските што ги имаат кон домашните фирми, а со самото тоа и ќе ги стабилизираме за да новите градоначалници во Македонија имаат фер и чесен почеток. Со рамномерниот регионален развој на општините нашата конечна цел е годишно 96 милиони евра да се распределуваат на сите општини за капитални инвестиции, а 70 отсто од тие средства ќе доаѓаат во руралните општини со што ќе се подобри квалитетот на животот на сите, истакна премиерот Заев.

На предизборниот митинг во општина Могила, Заев нагласи дека успешно работење и резултати се можни само со чесно и домаќинско работење.

– Во овие 4,5 месеци докажавме дека со чесно и домаќинско работење може да се ослободиме од непотребни трошоци. Успеавме да ги стабилизираме пензискиот и здравствениот фонд, центрите за социјални работи имаат пари за социјалните случаеви, и не застанавме тука туку определивме дополнителни пари за младинската гаранција, односно има 500 милиони денари за октомври, ноември и декември, пари во буџетот за младите. Тоа значи дека секој млад човек што завршил образование а бара работа, може да ја побара во секоја приватна фирма без сопственикот да има обврска да му плаќа плата во првите 12 месеци…, посочи лидерот на СДСМ.

Пред своите сограѓани, членови и поддржувачи на СДСМ и Коалицијата, кандидатот за градоначалник Јасмина Гулевска, истакна дека жителите сакаат поубава општина Могила.

– Ги посетивме сите 22 населени места во општина Могила, разговаравме со сите и заклучивме дека општина Могила не е таква каква што сакаме да биде. Општина Могила мора да биде општина со која сите ќе се гордееме и ќе бидеме една од најдобрите рурални општини во Македонија бидејќи ќе ја имаме поддршката од Владата на Република Македонија и нема да се дозволи како досега општината да пропаѓа, истакна Гулевска.

Слични содржини