12 министерства пријавиле зголемени трошоци за плати на администрацијата!?

од desk4

 

Дванаесет министерства пријавиле поголеми трошоци за плати на администрацијата следната година, информира ТВ24.

Владата најави поголеми плати за одбраната, образованието и кај здравствените работници. Но според предлог буџетот за 2018 година, зголемување на расходите за плати и надоместоци има и кај полицијата, во културата, министерствата за правда и финансии.

Драстично зголемување, од речиси половина милион евра има кај платите во Министерството за надворешни работи, каде влегуваат и дипломатските и конзуларните претставништва. Зголемување има и кај Министерството за економија, каде се пресметани и платите на неколку државни агенции и институти. Од Економија велат дека зголемувањето од централниот буџет е 160 илјади евра, поради нови вработувања во Пазарниот инспекторат и Геолошкиот завод. Во Министерството за информатичко општество, заедно со радиодифузната дејност, зголемувањето е нешто над 200 илјади евра. Во МВР буџетот за плати за следната година е потежок за еден милион евра, зашто ќе бидат вработени 600 полицајци.

За целата администрација следната година за плати ќе бидат потрошени 440 милиони евра, што е за околу 8 милиони евра повеќе од годинава.

„Ова зголемување главно се должи на зголемените плати во Армијата за 10% од јануари 2018 година, додека за другите институции проекциите се прават врз основа на тековното ниво на плати и број на вработени (со соодветно прилагодување усогласување за одредени законски категории каде тоа е применливо). Истото се однесува и на Министерството за финансии.“

Зголемување на ставките за плати и надоместоци има и кај Владата и Собранието. За плати Собранието догодина ќе потроши 5,1 милион евра, што е зголемување за 38 илјади евра. Владата за плати има предвидени 4 милиони евра што е за скоро 90 илјади евра повеќе од сега. Дополнително уште 2,3 милиони евра за плати ќе потроши Владината служба за општи и заеднички работи. Од Владата тврдат дека зголемувањето догодина не поради нови вработувања.

„Зголемените расходи по основ на плати и надометоци се поради разликите кои се појавуваат со соодветно прилагодување предвидено со одредени законски категории (на пример: вработени кои се враќаат од породилно и нивната плата сега ја исплаќа Влада, а претходно ја исплаќал Фондот: тука се предвидени и зголемувањата во рамките на минималната плата. Нема отворање на нови работни места.“ – велат од Владата.

Само Министерството за земјоделие следната година има помал буџет за плати. Кај Министерствата за животна средина и за транспорт и врски платите се исти како годинава. Владата најави дека платите кај одбраната од јануари следната година ќе бидат зголемени за 10 насто. Зголемување ќе има и во образование, здравство, труд и социјала.

Слични содржини