Димитров: Со интеграцијата на регионот ЕУ ќе покаже дека има самодоверба и да направи разлика

од desk2

Желбата на земјите од Западен Балкан да станат дел од Европската Унија е и можност за Унијата да ја потврди својата улога во регионот, изјави шефот на дипломатијата, Никола Димитров, за време на форумот на граѓанското општество кој се одржува во Трст, истовремено со Самитот на ЕУ за Западен Балкан.

„ЕУ сега има можност повторно да стане атрактивна за регионот, да покаже дека има самодоверба и дека може да направи разлика”, рече Димитров. Тој се осврна и на улогата на граѓанското општество во европската интеграција, односно дека улогите на граѓанскиот и на владиниот сектор се надополнуваат и имаат заедничка цел.

„Во Македонија на 27 април имавме можност да видиме каква е улогата на граѓанското општество кога институциите ќе потфрлат. Верувам дека имаме заедничка цел, и владиниот и граѓанскиот сектор, а тоа е градењето на европска иднина“, додаде тој.

Шефот на албанската дипломатија, Дитмир Бушати, изјави дека регионалната соработка не значи само и меѓувладина соработка туку многу повеќе. „Заедно со граѓанското општество треба да размислиме како на Берлинскиот процес да му дадеме нова перспектива”, рече Бушати.

Домаќинот на Самитот, италијанскиот министер за надворешни работи Анџелино Алфано, пак, порача дека за Италија, интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ ќе значи и обединета и посилна Европа.

„Ни требаат еднакви стандарди и можности за сите, односно треба да се бориме за безбедност и стабилност во регионот. Вашите напори имаат заедничка цел, а таа е интеграција во ЕУ”, порача Алфано./Макфакс

Слични содржини