Адеми: Кај ДУИ нема страв од политичкото движење на Меџити

од Nikola Popovski

Во ДУИ не постои страв од формирањето на ново политичко движење предводено од нивниот доскорашен сопартиец Изет Меџити. Вака тврди пратеникот и потпретседател на ДУИ, Арбер Адеми.

Тоа е добро организирана, етаблирана политичка организација, која не еднаш, туку повеќе пати поминала низ слични процеси, рече Адеми во емисијата „Клик плус“.

Според него, Изет Меџити и Мерита Коџаџику, која се приклучи на новото движење и ќе делува како опозициска пратеничка, се уште не најавиле официјално разделување од ДУИ.

Адеми тврди дека нема никакво известување дека пратеничката група се намалила или пораснала.

Меџити кој претходно соопшти дека со Коџаџику излегуваат од ДУИ и ќе формира ново политичко движење, на кое се придружува и независниот пратеник Кастриот Реџепи, изјави дека тројцата ќе гласаат за уставните измени.

Нема дилема како ние тројца ќе гласаме. Ќе гласаме за уставните измени, тие ни се топ приоритет и главен фокус зашто единствена алтернатива е интегрирање во ЕУ, да се спречи иселување на младите и да имаат перспектива овде, во земјава. Од епилогот на уставните измени ќе зависи како ќе се движи државата натаму, рече Меџити пред два дена во интервју.

За тоа што избрал да излезе од ДУИ наспроти другите од „Огнената група“ кои останале фракција во партијата на Али Ахмети, Меџити одговори дека избрале различни патишта и дека тој се одлучил на ваков чекор затоа што „ДУИ има изгубено контакт со реалноста“.

За односите со Ахмети, Меџити нагласи дека веќе подолг период нема никаква комуникација со својот сега поранешен лидер.

Слични содржини