Ахмети од Сопот ги врати духовите од минатото: „Ако зборува за господари, значи има и робови“

од Nikola Popovski

Отворањето на комплексот на УЧК во кумановско Сопот продолжува да ја вознемирува јавноста, особено главниот експонат – знамето со карта на „Голема Албанија“ со делови на Македонија, Србија и Грција, како и изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој присуствувал на отворањето. Дел од јавноста смета дека ваквата националистичка реторика е типична кога државата се наоѓа пред избори, но дел сметаат дека е ризично од враќање на ваквите националистички прашања во мултикултурно и мултиетничко општество како што е Македонија.

Сепак политичкиот аналитичар Даут Даути во разговор за „Локално“ вели дека ДУИ со или без иронија, е „најмиротворна партија според нејзиното политичко дејствување, најдржавотворна партија во Македонија, дури и повеќе од што може да се очекува од една партија која влече корени од 2001-вата, и повеќе се грижела државните интереси на Македонија отколку некои македонски политички партии“.

Даут Даути

-Партија со најдолг стаж во власта, со големи успеси во остварување на националните интереси на Албанците. Тоа се гледа во фактот дека успеа да го подигне на повисоко ниво политичкото претставување, и во голема мера да ги оствари идеалите за рамноправност за кои се залаагаа и партиите пред неа, и другите сега со неа. Секако, како и секоја друга партија, има и свои грешки. ДУИ и покрај се, не сака да се откаже од некои битни работи за нејзината егзистенција, а една од нив, е секако континуитетот со ОНА. Можеби и поради морални причини, да се сеќаваат на оние кои го дале животот, што од почит кон нив, што како политички капитал заради оние кои денес ги критикуваат, за да ги потсетат на историското минато, посочува Даути.

Според него, на вакви активности како оваа во Сопот, често има и навраќање и кон „неостварените“ идеали од кои поради реалполитиката и објективните околности, останале во главите на луѓето.

-Јас на пример,  не сум забележал карти, бидејќи не ги гледам и кога ги гледам, туку ги слушам пораките, а тие на Али Ахмети беа во рамките на евроинтеграцискиот процес, дека границите ќе се бришат во здружена ЕУ. Таа теза дека сите Албанци ќе бидат заедно во ЕУ сме ја слушнале и порано, ни вели аналитичарот.

Во однос на пораките на Ахмети, Даути гледа определба кон европската кауза која ДУИ, лидерот на партијата и Владата се посветени.

-Ако сакате и како политичка платформа и за нови избори, со намера да се издифиренцираат од оние други сили кои се обвинувани за опструкции. Значи, афирмација на својата позиција, и политичка порака кон своите политички опоненти, потенцира аналитичарот.

Укажува дека како што се доближуваме до парламентарните избори, така се поизвесно станува дека пораките имаат „целна“ дестинација.

-Здружената опозиција е една реалност со која ДУИ ќе треба да се соочи, покрај неприкосновената нејзина позиција досега. Али Ахмети, покрај верувањето дека ДУИ е прва партија во албанскиот политички блок, во своите настапи мора да ги брани своите политики, да ги афирмира своите достигања со тоа што на своите опоненти ќе ги потсети дека и тие биле дел од владините политики што денес ги критикуваат. Нема ништо ново, штом некој излегол на отворен мегдан, и ја предизвикува ДУИ, сигурно дека ДУИ како искусна партија, има со што да одговори, оценува Даути.

Соговорникот заклучува дека една од најдолговечните теми во македонскиот плурализам се меѓуетничките теми, врз кои секогаш име се навраќаат партиите. Така прават македонските партии, така постапуваат албанските. Има извесни финеси во деталите.

-Некои македонски партии играат на картата на загрозеност од албанскиот фактор(од  ДУИ пред се), збогатена сега со тезата дека за судбината на македонскиот народ и држава одлучувале Албанците на кои не им е гајле за тие интереси, па ги крчмат! Се заборава притоа дека сите албански партии имаат само една четвртина од гласовите во Парламентот и дека и да сакаат да ги крчмат македонските интереси, реално не го можат. Ама тезата е атрактивна, ако пали, зошто да не! Албанските партии пак, слични теми користат кога ја обвинуваат власта па и ДУИ дека не за залагала доволно за остварување на правата на Албанците. Јазикот е една од тие придобивки, со елементи на непотполна сатисфакција, затоа што не се спомнува во уставот како албански јазик. Мало поглавје за мала бура во албанскиот политички блок, па дури и со извесна опасност по владата, ако не се стави во пакет со уставните измени и оваа прашање, вели тој.

Смета дека ние како општество сме ги надминеле повеќето прашања од тој тип, и време е и да ја надминеме и реториката на кои се навраќаат некои партии кога лековерно мислат дека тоа секогаш ќе проаѓа на политичкиот пазар.

-Дури како граѓани и да го коригираме нашето поведение, да се дистанцираме од нив. Што се однесува до конкретните работи за јазикот и знамето, тоа се факти кои секако се спомнуваат и во контекст на оние надминати проблеми околу нив. Јазикот и знамето биле во службена употреба и во Социјалистичка Република Македонија, кои кон крајот на 80-тите години беа укинати со уставните амандмани 48 и 56, за која дел од денешните генерации, па дури и новопечени политичари на плурализмот не сакаа да се навраќаат, со што предизвикуваа проблеми, бидејќи во Уставот од 1991 година тие права не им беа вратени на Албанците. Со имплементцијата на Рамковниот договор,  и тие грешки беа коригирани, и секако ДУИ има право да ги афирмира како постигања, што кај јазикот, секако ја дели заслугата и со партиите што денес ја критикуваат, порачува Даути.

Александар Генчов

Од друга страна, политичкиот аналитичар, Александар Генчов уверува дека оваа реторика воопшто не е дел од предизборието. Според него, ова е константа на ДУИ и голема, многу голема грешка е кај нас што ова го сметаме како некој вид предизборен маркетинг.

-Ова е длабока идеологија, а не предизборен маркетинг. Ајде граѓаните не сфаќаат, но се повеќе сум убеден дека и македонските полтички елити не ги сфаќаат пораките на Ахмети кои што не се нималку наивни, вели аналитичарот за „Локално“.

Генчов тврди дека Ахмети всушност врши подржавување на УЧК.

-Тоа што ние си го сметаме дека е само негова вокабуларна авантура, а не сфаќаме дека е процес на подржавување на овие настани со УЧК. Внимавајте, тој не вели дека УЧК е процес на Албанците туку државен процес. По таа логика прашање на ден е кога ќе се побара УЧК да стане државен сегмент, па дури и да го славиме. Ова ретко кој го сфаќа и ние само наивно си пееме песничка: „Нека си зборува тој, тоа не не допира, а и да не допре целиот македонски полтички и општествен кампус нема одговор на тоа“,

Соговорникот особено се осврнува на изјавата на претседателот на ДУИ, кој од Сопот порача: „Господари и државотворци на земјава, нема да дозволиме да бидеме изолирани и затрупани“.

-Значи директно најдиректно ја потврдува тезата што се повеќе се јавува дека Македонците од ден на ден стануваат робови во Република Македонија. Логички, ако има господар има и роб, анализира Генчов, резимирајќи дека ова е висок исклучително вешт ултранационализам за кој што не само што немаме одговор туку и не сме свесни.

-Национализам кој што не е за пред избори зошто тој и така и така со овој државен албански национализам е во предност, посебно затоа што е во влада со партија која што во овој момент не е репрезент на повеќето етнички Македонци, оценува аналитичарот.

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ДУИ користи национализа за да ја прикрие корупцијата во своите редови. „Во периодот што следи граѓаните треба да бидат внимателни, бидејќи секогаш кога ДУИ се фатени во лоповлук, во кражба, во пљачка тие веднаш вртат на националните теми, односно на национализам и шовинизам. ДУИ е веќе во кампања и периодов што следи, вакви провокации ќе има“, вели тој.

Се огласи и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, под чии ингеренции е и селото Сопот, каде се отвори комплексот. Во разговор за „Локално“ истакна дека никој не се обратил до општина Куманово за да побара било каква дозвола. „Дали е отворен музеј или спомен обележје, си има строга постапка дефинирана според Закон, како се отвора такво нешто“, кратко ни рече.

Н.П.

Слични содржини