Борел: Санкциите успешно ѝ го отежнуваат на Русија финансирањето на војната

од Stefanija Kuzmanovska

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, денеска оцени дека санкциите против Русија се успешни и заедно со политичката, финансиската и поддршката за Украина, носат ефекти и ѝ отежнуваат на Русија да ја финансира војната додека руската економија ја губи способноста да се модернизира.

„Целта на санкциите е да се намали способноста на Путин да ја финансира војната. И да видиме, Путин не можеше да ја продолжи почетната офанзива од големи размери во Украина и сега се турка на исток. Но, санкциите не се магичен одговор и нема да ја запрат војната сами по себе. Санкциите се само една од алатките што ги користиме“, изјави Борел во интервју за полската државна агенција ПАП.

Високиот европски функционер изјави дека ОЕЦД предвидува дека наместо раст на руската економија ќе се забележи пад од 5,6 отсто, дека над 1.000 меѓународни компании кои претставуваат 40 отсто од рускиот БДП доброволно го ограничуваат своето работење, а  за тие компании во Русија се врзани пет милиони работни места.

„ЕУ го намали увозот на руска нафта за 90 отсто, ние го намаливме увозот на руски гас на рекордно ниско ниво. И да не заборавиме, не воведе само ЕУ санкции. Има 40 земји кои воведоа санкции и тие претставуваат 50 отсто од глобалниот БДП“, рече Борел.

Шефот на европската дипломатија повтори дека ЕУ ќе ѝ дава помош на Украина се додека ѝ е потребна, особено со финансирање на дел од основните потреби на населението, бидејќи според проценките направени во соработка со Меѓународниот монетарен фонд, на буџетот на Украина му недостасува три до четири милијарди евра месечно.

Слични содржини