Европската зелена партија: Изборните нерегуларности во Србија мора да се истражат на меѓународно ниво

од Vladimir Zorba

Извештајот на меѓународните набљудувачи на изборите на 17 декември во Србија укажа на сериозни нерегуларности кои влијаеле на резултатите од изборите, но српските власти тивко одлучиле да не ги истражуваат наводите дополнително, соопшти денеска Европската зелена партија, која инсистира дека изборните нерегуларности мора бидат истражени на меѓународно ниво.

„Републиканската изборна комисија ги објави конечните резултати од парламентарните избори на 12 јануари, отфрлајќи ги жалбите на главната опозициска коалиција Србија против насилството. Рокот за поднесување жалба до Уставниот суд за изборите во Белград е за денеска, 18 јануари, 15 дена по нејзиното објавување во белградскиот Службен весник. Властите се преправаат дека резултатите се наводно објавени на 3 јануари, но изданието на Службен весник остана недостапно за јавноста во каква било форма“, соопшти Европската зелена партија.

„Ова е уште еден пример на владејачката Српска напредна партија (СНС, придружна членка на Европската народна партија ЕПП) на српскиот претседател Александар Вучиќ кој ги користи сите средства, вклучително и заробување на медиумите и институциите, за да остане на власт. Центарот за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА), кој внимателно ги следеше изборите, многу јасно заклучи дека организираната миграција на гласачите влијаела на резултатите од локалните избори во Белград“, рече Томас Вајс, пратеник во Европскиот парламент и ко- претседател на Европската зелена партија.

Да потсетиме, вчера во Европскиот парламент во Стразбур се одржа пленарна расправа за изборите во Србија.

Томас Вајс рече дека „има јасни докази дека овие избори биле наместени“.

Тој повика на независна меѓународна истрага и ги повика земјите-членки да не ги прифаќаат резултатите од изборите додека не заврши истрагата.

Европската зелена партија претходно ја осуди „манипулацијата со изборната волја на граѓаните на Србија“.

Оваа партија изјави дека продолжува да „обезбедува целосна солидарност и поддршка на народот во Србија кој протестира затоа што владата не ги исполнила основните демократски стандарди – организирање слободни и фер избори“.

„Понатаму, бараме поддршка од Србија во спроведувањето на препораките на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и внимателен мониторинг, како и поширока поддршка во подобрувањето на демократските процеси во земјата која има аспирации да се приклучи на Европската унија“, се вели во соопштението.

Слични содржини