Филхармонија ќе продолжи со протестите: „Зошто се формирала нова институција без претходно да ѝ биде најден соодветен простор, кој нема да биде на штета на друга институција?“

од Nikola Popovski

Вработените во Македонска филхармонија три месеци протестираат не поради нереални проблеми како што вчера изјави министерката за култура, туку поради еден реален проблем – а тоа е одлуката на Владата да смести уште една институција во објектот на Филхармонија, велат од институцијата.

Како што порачуваат, тој проблем е создаден од Министерството за култура кое донесе одлука за формирање на нова институција која ќе биде сместена во објектот на Филхармонија.

-Ја потсетуваме министерката за култура, дека и во елаборатот за формирање на новата институција беше констатирано дека постојат „одлични услови за работа на Џез оркестарот во објектот на Филхармонија“. Ако не била целта во еден објект да има две национални установи, како што изјави министерката, тогаш, зошто воопшто било констатирано дека постојат одлични услови за работа на новата институција, токму во објектот на Филхармонија?

Ако не е целта да имаме нови установи кои ќе бидат оставени како Филхармонија повеќе од 70 години да го бараат своето просторно решение, како што изјави министерката за култура, тогаш зошто е донесена ваква нелогична одлука? Зошто се формирала нова институција без претходно да и биде најден соодветен простор, кој нема да биде на штета на друга институција?, прашуваат од Македонска филхармонија.

Бидејќи одлуката за просторно сместување на друга установа во Филхармонија беше донесена зад затворени врати, додаваат оттаму, и откако беше донесена не беа земени во предвид нашите реакции, нашата институција веќе три месеци е изложена на напади во јавноста од поединци кои слепо ја бранат одлуката која ја донесе Министерството за култура.

Велат дека ќе протестираат се до конечната промена на штетната одлука, до официјалната објава за нова адреса на новоформираната институција од страна на Министерството за култура, односно од Владата каде што се усвојува промената.

-На министерката за култура не и веруваме, бидејќи досега освен празни ветувања, лаги и клевети кон вработените во Филхармонија, не излезе со ниту една конструктивна и реална изјава во јавноста, стои во соопштението.

Слични содржини