„Го убивме по грешка“: Мафијаши од Неапол на родителите на жртва им понудиле 60.000 евра и стан

од Stefanija Kuzmanovska

Мафијашки босови во Неапол им понудиле паричен надоместок на родителите чиј син наводно го убиле по грешка, по што го раствориле неговото тело во киселина.

Понудата од 60.000 евра и стан ја дале Салваторе Камарота и Карло Напи, на кои им се суди за убиството на Џулија Џако во 2000 година. Со чекан му ги скршиле забите, а телото го раствориле во киселина за да го прикријат злосторството.

Случајот бил нерешен со години, а бил решен кога одметникот од мафијашкиот клан Полверино ги обвинил Камарота (56) и Напи (64) дека го нарачале убиството, тврдејќи дека го згрешиле идентитетот на човекот кого го убиле.

„Тие бараа човек по име Салваторе, кој беше обвинет дека имал афера со внуката на Камарота, која била партнерка на член на мафијашки клан. Им беше кажано дека тој ќе биде на одредено место во одредено време“, рече адвокатот Алесандро Мота, кој го застапува семејството на жртвата.

Шефовите на мафијата испратиле платенци облечени како полицајци. Тие му наредиле на човекот да влезе во нивниот автомобил, но Џако бил фатен по грешка. Последно што им рекол било „Полицајци, грешите, јас сум од добро семејство“, а потоа му пукале во глава.

Кога го однеле крвавото тело кај Камарота, тој го извлекол од автомобилот, а потоа му ги скршиле забите за да не останат докази. Неговото тело било растворено во киселина, а остатоците биле фрлени во неразвиена област на периферијата на Неапол, пишува „Тајмс“.

Поранешниот мафијаш Роберто Пероне изјавил на полицијата дека тоа бил „најтемниот момент во неговата криминална кариера“ кога сфатиле дека убиле погрешен човек. Џако (26) воопшто немал криминална историја.

Во пресрет на судењето, Камарота и Напи понудија по 30.000 евра на семејството на Џако, а Камарота додаде стан за кој тврди дека вреди 120.000 евра.

„Според италијанскиот закон, можно е да се добие само една третина од казната ако платите компензација за делото“, објаснува адвокатот Мота.

Семејството категорично ја одбило нивната понуда.

„Тие бараат најстрога казна за сторителите на ова страшно злосторство, особено што никогаш не го добија телото на нивниот син“, додаде Мота.

Слични содржини