Израел: Ослободувањето на заложниците нема да започне пред петок

од Stefanija Kuzmanovska

Првите израелски заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа нема да бидат ослободени до петок, изјави претседателот на израелскиот Совет за национална безбедност, Чахи Ханегби, откако израелските и претставниците на Хамас соопштија дека привременото примирје и договор за размена на заложници ќе стапи на сила утрово.

„Преговорите за ослободување на нашите заложници постојано напредуваат. Ослободувањето ќе започне во согласност со пробниот договор на страните, и не пред петок“, рече Ханегби, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Високиот функционер на Хамас, Муса Абу Марзук, претходно изјави дека договорот за привремено примирје и размена на заложници ќе стапи на сила денеска во 10 часот, што на новинарите неколку часа подоцна им го потврди и висок израелски функционер, кој побара да остане анонимен.

Хамас и Израел со посредство на Катар постигнаа договор за привремено примирје и размена на 50 израелски заложници киднапирани на 7 октомври за 150 Палестинци кои моментално се наоѓаат во израелските затвори.

Слични содржини