Јавна реакција против негативната кампања против граѓанскиот сектор

од Vladimir Zorba

 

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје реагира на нападите oд одредени политички партии, политичари, медиуми и здруженија на граѓани врз граѓанските организации во Македонија во рамки на кампања која се спроведува под слоганот „десоросоизација“.

Институтот за демократија се согласува дека работата на граѓанските здруженија подлежи на критика, но единствено доколку таа е аргументирана и заснована на докази. Тоа во оваа кампања не е случај. Досега не се понудени проверливи аргументи во прилог на тврдењата против граѓанскиот сектор.

 

Во оваа насока сметаме дека самата идеја за граѓанското општество е нападната преку шпекулации, етикетирања и закани.Предупредуваме дека оваа кампања го загрозува уставното право на граѓанско здружување и јавно искажана критика. Дополнително, може да предизвика конкретни напади врз членови на граѓански организации и иницијативи. Сето ова носи несогледливи негативни последици по државата и општетството.

 

Граѓанските организации од независноста на Македонија досега играа исклучително важна и конструктивна улога и беа вклучени во сите важни етапи од нејзиниот развој. Граѓанското општество директно учествува во подобрување на животот на граѓаните или во соработка со државните институции.

 

Помеѓу другите активности, граѓанските организации беа клучни во неколку важни промени:

  1. Меѓуетничкото помирување;
  2. Намалување на дискриминацијата на социјално ранливи групи;
  3. Обезбедување на вештини за полесно вработување на невработените;
  4. Подигање на свеста за загадувањето на животната средина;
  5. Поефикасно и отчетно трошење на јавните пари на граѓаните.

Истовремено, во значаен дел од проектите беа вклучени државни институции и политички партии, на кои им градевме вештини, знаења и инфраструктура, за тие да им понудат подобри услуги на граѓаните.  Државата, политичките партии и граѓанското општество се партнери и треба да градат сојузништво насочено кон квалитетни промени. Сојузништво, кое подразбира и процеси на набљудување и критика за да се обезбеди напредок. Ова право на критика никој не смее да го оспори и оневозможи.

 

Слични содржини