Колку луѓе се потребни за да се основа колонија на Марс? Научниците имаат број!

од Vladimir Zorba

Ново истражување дојде до интересен заклучок: за да основаме колонија на Марс, потребни се минимум 22 астронаути – под услов да се согласуваат меѓу себе.

Роботски истражувачи „лазат“ по површината на Марс веќе 60 години, но ако планираме да приземјиме луѓе на планетата, ситуацијата станува посложена. Во една неодамнешна студија објавена на arXiv, група научници одлучија да ги испитаат бихејвиоралните и психолошките интеракции меѓу идните колонисти. На крајот, тие стигнаа до изненадувачки мала популација потребна за изградба и одржување на колонијата – 22 потенцијални „марсовци“.

Научниците најпрво создадоа модел кој симулира колонија на Марс заснован на тимови од високоефикасни специјалисти во изолирани области со висок стрес како Арктикот или МВС. Симулацијата вклучуваше интеракции на луѓе со различни нивоа на вештина, издржливост, стрес и една од четирите психолошки особини: невротичност, реактивност, дружељубивост или согласност.

Симулацијата траеше 28 земјини денови и вклучуваше виртуелни тимови од 10 до 170 луѓе. Научниците открија дека почетната популација од 22 лица го претставува минимумот потребен за одржување на колонијата и дека најефективниот за преживување е приспособливиот тип на личност. Невротичните личности „умираа почесто од другите“, пренесува Gizmodo.

„Често тежнееме да ги третираме луѓето само како бројки или честички без лична мотивација, хетерогеност и приспособливост“, изјави за The Register Анамарија Береа, вонреден професор по компјутерска наука и податоци на Универзитетот Џорџ Мејсон и коавтор на студијата. „Групите луѓе се сложени системи чиј резултат не е збир на неговите делови, туку синергичен“, тврди таа.

Истражувачите сакаа да ја истакнат важноста да се земе предвид човечкото однесување како дел од идното истражување на вселената.

„Нашата цел беше да покажеме дека ако ги игнорираме социјалните, бихејвиоралните и психолошките аспекти на истражувањето на вселената, можеме да направиме сериозни грешки во нашите проценки, предвидувања и проекции“, додаде Береа.

Слични содржини