Ковачки: Треба да ѝ помогнеме на Украина со сета помош што можеме да ја дадеме, редно време е да ја вратиме услугата

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува одлуката за обучување на украински војници на територијата на Македонија. Ваквиот став на партијата го сподели за „Локално“, пратеникот Драган Ковачки. Тој потсети дека уште од самиот почеток на руската агресија, неговата партија ја осуди со Декларација во Собранието и ја поздравија одлуката за помош на Украина.

-И тогаш кажавме дека дури и ако никој тоа не го направеше, ние требаше да го направиме, затоа што ние како држава имаме обврска кон Украина. Во 2001 година, Украина беше државата која не стави забрана за извоз на оружје кон Македонија и која значително помогна во јакнењето на борбените капацитети на АРМ. Тука мислам и на дадената помош во украински обучувачи за нашите офицери и војници за системите кои беа пристигнати од Украина. Редно време е да ја вратиме услугата, истакна Ковачки.

На прашањето дали стануваме поголема цел на интерес на Русија поради обучувањето, пратеникот смета дека со станувањето член на НАТО, ние ги преземаме и ризиците, односно заканите кои доаѓаат кон НАТО како сојуз, што значи дека како држава сме предмет на интерес, а веројатно и на активности од страна на тие со кои сме на различна страна и со кои не споделуваме исти вредности.

-За соодветен одговор, Македонија мора да ги реформира своите безбедносни служби, затоа што видовме во изминатиот период дека имавме пенетрација токму од руските служби преку случајот “Онишченко”, како и некоординација и непреземање мерки за разоткривање на случаи со сомнителен капитал и лица кои водат директно до лица од власта, побара соговорникот.

Ковачки е дециден дека мора да се врши набавка и пополна со нови современи системи и оружје за наши потреби.

-Не смее АРМ да се остави без современи средства за војување, а тоа во моментов е така заради тоа што во МО нема набавка на ниту еден современ борбен систем од западно производство. Иако се прават анализи, проценки, тука некаде завршува се’. Кога дојде момент на реализација, постапката запира, додава пратеникот, обелоденувајќи дека „само пред месец-два, во Министерството за одбрана скратиле 1,5 милијарди за купување на опрема и машини во Интеграција во НАТО“.

-Под раководство на Шекеринска и на Петровска, а знаење и одобрување од Пендаровски, борбената готовност на АРМ е неколкукратно намалена. Лично сум загрижен што АРМ паѓа по огнена моќ, паѓа во маневарски капацитети, ги изгуби воздухопловните способности (леталата лежат во хангар и не се одржуваат) и најтрагично, го изгуби професионализмот кој беше одлика на униформата, обвинува Ковачки.

Околу најавата за нови дронови и хеликоптери за потребите на АРМ и каква е динамиката на обновување на капацитетите, пратеникот вели дека „во моменти кога соседните армии како српската и косовската се модернизираат и развиваат способности кои порано ги немале, Македонија ги изгуби постоечките способности“.

Според него, АРМ веќе нема ниту способност за ноќно и инструментално летање, иако, како што вели, тоа го имаше пред 15-20 години.

-Македонија беше помеѓу првите во регионот кои имаа високо софистицирани и скапо платени беспилотни летала во МВР,  но истите беа исфрлени од употреба од страна на министерот Оливер Спасовски. За состојбата со тие летала знае и сегашната МО Петровска која долги години во МВР му беше десна рака на Спасовски.

Пожелно е пред да вршат набавка на други летала, да се истражи случајот со веќе постоечките летала и да се направат обиди тие да се стават во функција за да не се плаќаат пари кои ги немаме во изобилство, укажува пратеникот.

Во делот на набавката на нови летала од западно производство, Ковачки цени дека е повеќе од неопходна.

-Но, тука мислам на зановување и на борбените и на транспортните капацитети. Оттука, сметам дека фокусот е изместен, а процесот оди споро поради очигледните бизнис интересите кои не им се поклопуваат. Според мои информации, сега на крајот на мандатот на Владата, се мести тендерот да го добие фирма блиска до лицето кое има најголема моќ во СДСМ, а тоа не е Димитар Ковачевски.

За крај, едно од главните прашања е што и доколку се купат какви такви летала? Каде ќе се обучуваат нашите пилоти?  Центарот за обука на пилоти кој функционираше по највисоки стандарди и во кој порано се произведуваа пилоти во најсовремени услови, сега е во распад, заклучува соговорникот, нагласувајќи дека „свесно се уништуваат капацитетите кои се скапо платени и кои во подоцнежна фаза повторно ќе мора да ги вратиме во употреба и тоа дополнително финансиски ќе ја оптовари АРМ“.

 

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска синоќа информираше дека е реализирана обука на украински војници во Северна Македонија, со што, како што рече, се потврдува нашата заложба за континуирана поддршка кон правото на Украина да се одбрани од руската агресија.

-Се понудивме и веќе ја реализиравме првата обука, првиот тренинг на украински војници кои успешно ја завршија обуката во Република Северна Македонија во објекти, во локации кои се сопственост на Армијата на Република Северна Македонија за што беше донесена соодветна одлука на Владата на Северна Македонија, а која од безбедносни причини ја соопштуваме откако таа заврши, истакна министерката Петровска.

Како што соопшти Министерството за одбрана, таа додаде дека ваквиот вид на поддршка и преку тренинзи и преку обуки кои се димензионирани согласно побарувањата на украинската страна ќе продолжи и во текот на 2024 година и сè додека за тоа има потреба.

Н.П.

Слични содржини