Крвава пресметка во Стара чаршија: Убиени две лица, напаѓачите го запалиле возилото со кое избегале

од Nikola Popovski

Две лица загинаа, а трето е рането, е исходот од синоќешната вооружена пресметка во кафе бар во Старата скопска чаршија.

Според информациите, двајцата убиени во „Шиша бар“ се поврзани со скопското подземје.

Во полициското соопштение се наведува дека синоќа во 20.11 часот било пријавено дека повеќе лица во угостителски објект во Скопје пукале во Ј.К. и Е.И, кои починале на лице место и А.Т, кој бил пренесен во болница за укажување лекарска помош.

Како што се дознава, двајцата загинати се Јетон Кривањева познат како „Жила“ и Енес Исени познат „Лаци“. Наводно двајцата се наоѓале на вториот кат од „Шиша бар“. „Жила“ беше дел и од групата која беше цел на вооружен напад во хотелот „Александар Палас“ пред 4 години.

Синоќа било откриено и возилото „Ауди А6“, со кое избегале напаѓачите. Било пронајдено запалено во населбата Шуто Оризари на улицата „Вашингтонска“, а во него имало остатоци од два мобилни телефони.

За третиот ранет, пак, доцна синоќа информации соопштија од Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (старата Градска болница). Од таму информираа дека со приватно возило бил донесен во болницата и имал две рани. Констатирана е прострелна рана во предел на левото стапало и поголема рана во предел на десната потколеница. Раните се обработени, направени се потребните снимања, преврзани се и е поставена имобилизиција, по што лицето е пуштено на домашно лекување, односно не е задржано.

Дежурен јавен обвинител заедно со полициски увидни екипи синоќа извршил увид на лице место. Од Обвинителството информираат дека фиксирани се траги на лице место, а јавниот обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите.

Повеќе детали и информации се очекуваат во текот на денешниот ден.

Слични содржини