Македонија останува во чекалната, Украина и Молдавија ја отворија вратата: „Целото општество е виновно зошто не почнуваме преговори, иако самата ЕУ не знае каква ќе биде нејзината иднина“

од Nikola Popovski

Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ денеска го продолжуваат дводневниот Самит на Унијата, во чии рамки вчера донесоа одлука за старт на преговорите за членство со Украина и Молдавија, и доделија кандидатски статус на Грузија и решија за Босна и Херцеговина да остане условената препорака за почеток на пристапните преговори. Беше одлушено да се почне со преговори со официјален Киев и покрај противењето на Унгарија. За Северна Македонија и Албанија се бара исполнување на услови пред отворање поглавја, односно за нашата земја е задолжително спроведувањето на уставните измени, кои се дел од преговарачката рамка.

Украина пред Македонија – каква порака испраќа ЕУ? 

Не требаме да гледаме како големо изненадување на тоа што Украина и Молдавија добија преговори, а ние не, оценува дел од експертската јавност.

-Не знам зошто ние сме изненадени од тоа што ни се најавува последните 6 месеци. Последните половина година ЕУ вели: Ние сакаме да отвориме преговори со Украина и Молдавија, но сакаме и со вас под услов да ги спроведете уставните измени. И досега спиевме на уво дека или Украина или Молдавија нема да добијат преговори од некои причини или нас дека ќе ни дозволат да ги продолжиме преговорите без уставните измени. Сега сме изненадени зошто ЕУ остана на зборот, вели политичкиот аналитичар, Петар Арсовски за „Локално“.

Петар Арсовски

Според него, вината за тоа што не почнуваме преговори со ЕУ е кај целото општество.

-Не само опозицијата, туку корупцијата, недостатокот на структурните реформи, недостатокот на општествен притисок и консензус дека сакаме да одиме кон ЕУ, но и самата ЕУ која во моментов е во една интроспектива и не знае како ќе изгледа иднината на самата Унија, оценува соговорникот.

Во однос на тоа каква порака испраќа ЕУ кон земјите од Западен Балкан, кога Украина разрушена од војна и со системска корупција почнува преговори пред нив, Арсовски вели дека различни се пораките за секоја земја.

-За Албанија е една порака, за Македонија е друга порака, а за БиХ, Србија и Црна Гора е сосема трета. Не мислам дека е една порака. Очигледно дека ЕУ е заглавена помеѓу желбата да понуди некаква перспектива и сопствените дилеми околу тоа како ќе изгледа нивната иднина, па и недостатоците на земјите-кандидати. Таа дихотомија е очигледна и во нивната порака од сегашниот состав, смета аналитичарот.

Ние треба да се надеваме дека имаме уште шанса да ги спроведеме уставните измени кои се единствениот услов, според францускиот предлог-преговарачка рамка, вели поранешниот пратеник, Зуди Џелили за „Локално“. Како што истакнува, на Украина и Молдавија можеме само да им посакаме успех во понатамошните чекори.

Зуди Џелили

Тврди дека актуелната влада бараше разбирање од опозицијата која досега, како што вели Џелили, борбата за власт ја става пред интересите на државата, водејки грижа за сопствениот рејтинг со тоа што успешно играше на картата на националниот идентитет.

-Опозицијата можеби требаше да понуди нешто повеќе за можен компромис, не се кажуваат сите недоразбирања меѓу партиите, но како и да е, не покажаа патриотизам дека се спремни да жртвуваат нешто од себе, проценува соговорникот.

Според неговите зборови, земјите од Западен Балкан беа цело време во фокусот на НАТО и ЕУ, но за зал не можеме да ги надминеме некои наследени менталитети – секоја држава да има проблеми со соседите и да се сопнуваат меѓу себе.

-Грција ѝ се заканува на Албанија за банална работа, Бугарија ја одалечува Северна Македонија од себе, Србија му се заканува на Косово – работи кои припаѓаат на минатиот век, истакнува Џелили и додава:

-Што се однесува до Украина, се виде колку е значењето на таа држава за ЕУ, држава што храни 500 милиони луѓе. Мислам дека постапија добро и се надевам дека брзо ќе заврши војната и ќе се справат со реформите.

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан не присуствуваше на седницата кога се одлучуваше за статусот на двете земји од Истокот, но негодува на отворањето преговори со Украина, велејќи дека во земјата има голема копруција.

-Орбан има чудни ставови, различни од другите земји-членки. Не знам зошто се однесува така, дали е можеби само дипломатија, прашува Џелили.

Во Брисел се повтори Букурешт. Блокадата има име и презиме и се вика ВМРО-ДПМНЕ, вака премиерот Димитар Ковачевски го коментираше исходот од Самитот, каде што земјава не доби зелено светло за отворање на поглавјата, бидејќи тоа е условено со носењето на уставните измени. Но, Ковачевски и натаму е оптимист дека промените во Преамбулата ќе се случат, вели има политички сили кои ќе ја внесат земјата во европското семејство до 2030 година.

Три декади Македонија е жртва на слаби политичари кои не знаат да се изборат за националните интереси. Земјава заслужува почеток на преговорите веднаш, велат од ВМРО-ДПМНЕ од каде ја обвинија Владата дека води погрешна надворешна политика. Според опозициската партија, наместо да лобира за почетокот на преговорите, во Брисел премиерот Ковачевски ловел руски коалиции.

И Ковачевски и ВМРО-ДПМНЕ ја поздравија одлуката на Европскиот совет Украина и Молдавија да ги почнат преговорите за пристапување во Европската Унија.

Н.П.

Слични содржини