Македонија прославува за поканата за членство во НАТО и преговорите со ЕУ (Галерија/Видео)

од desk4

    Под мотото „Одиме напред, Македонија во ЕУ и НАТО“ синоќа во Градскиот парк во Скопје, кај Школка , до доцна во ноќта ,се одржа централната прослава по повод добивањето покана за пристапни преговори за членство на Македонија во НАТО. 

Скопјани ги забавуваат нашите музичари Quepurdat, Архангел и Кирил Џајковски. Со граѓаните прославува  американскиот амбасадор Џес Бејли, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димтров, претставници на дипломатскиот кор, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, пратеници, претставници на политички партии…

Добивањето на поканата за преговори за членство во НАТО се славеше истовремено во  15 градови низ државата

 

„Многу години имавме чувства дека ја пропуштаме секоја шанса и дека лоши работи се случуваат на државата и на граѓаните. На сите нас ни е доста од лоши вести од трауматични искуства. Да кажеме дека кога сме заедно, кога знаеме што сакаме дека навистина можеме да покренеме планини. Чувството на сите денеска во различни градови низ Македонија е токму тоа, сакаме добри вести и сакаме резултати. Заедно можеме да ги оствариме“, изјави Шекеринска, на прослсавата во Скопје

Шеќеринска очекува доколку сите работи се направат како што треба Македонија следната година да стане земја членка на НАТО.

„Ако не го губиме времето, ако не дадеме шанса на политикантите да ни ги носат политичките одлуки, туку на граѓаните, следната година шансите се големи Македонија да стане земја членка на НАТО“, рече таа.

За министерот Димитров пред нас имаме голема историска година со големи крстосници.

 „Многу чекавме. Од 1993 година сакаме да влеземе во НАТО, 25 години поминаа, 10 години откако не успеавме во Букурешт. Голема историска година имаме пред нас со големи крстосници. Успеавме прашалниците за тоа кои сме дали сме Македонци, дали зборуваме македонски јазик да ги затвориме. Тие сме. И успеавме да изградиме пријателство со три држави со кои имаме деликатни односи историски. Од тензии си направивме пријателство и другарство и благодарение на тоа ни се отвораат патиштата за НАТО и си имаме големо ветување за во јуни 2019 за ЕУ“, изјави Димитров.

Премиерот Зоран Заев, беше на прославата во Битола, од каде што порача дека НАТО е стратешка цел на Македонија.

„Дочекавме големи настани. Ги остваруваме нашите заеднички стратешки цели, нашите заеднички сонови и надежи. Концертите вечерва се покана за обединување, со сите наши политички разлики, околу остварените стратешки цели на нашата земја – Членството во ЕУ и во НАТО. Ова се настани што ни се дадени и заслужени и за нешто друго: Да го испратиме во историјата, да го заборавиме еднаш засекогаш синдромот да го порекнуваме успехот на другиот! Зашто секој успех е успех за сите нас. За секој граѓанин“, рече меѓу другото Заев.

Тој ги повика граѓаните: „Денеска силите што не делат – не се толку силни како силите што не обединуваат! Силите што не обединуваат се датумот за преговори со ЕУ и поканата за членство во НАТО. Тоа се силите што ни ја отворија иднината. Ги повикувам сите граѓани, САМИ да си одговорат на прашањето: Каде бевме пред една година, каде сме денес? Македонија е слободна земја. Секој граѓанин самостојно одлучува и ќе одлучува за својот став. Ја повикувам уште еднаш, и ќе ја повикувам опозицијата отсега натаму секој ден: Ајде да ја избереме македонската иднина! Нашата заедничка иднина. Ајде да престане сеењето омраза. Да се издигнеме над делбите и разликите. Заради нас, заради нашата држава, и заради иднината на нашите и на следните генерации“.

Националниот координатор за развој на културата Роберт Алаѓозовски изјави дека вечерва во Скопје и во уште 14 градови низ Македонија се одбележува овој, како што рече, значаен, историски насатан, поканата на Македонија да стане 30. земја членка на НАТО.

– Тоа е сон на сите политичари на Македонија, од осамостојувањето до денес. Тоа е волјата на македонскиот народ, на неговото мнозинство и во таа смисла нема ништо подобро освен тоа да се одбележи со прослава во 15 градови, рече Алаѓозовски.

Тој појасни дека за многу кратко време со натчовечки напори на сите уметници, на голема техничка екипа, на ангажираниот тим од Владата се постигнала оваа организација. Смета дека вечерва фокусот на сите треба да биде на прославувањето.

– Ова е навистина историски чин и заслужува вакво свечено, би рекол и достоинствено одбележување, рече Алаѓозовски.

На присутните им се делеа бели балони и знаменца со натпис „Одиме напред, Македонија во НАТО и ЕУ“.  

– Македонија доби покана да стане членка на НАТО и има датум за преговори со Европската Унија. Се изборивме за сигурна иднина. Доаѓа време на надеж, на победи, на гордост. Време на сигурност и безбедност, се вели во објавената програма на веб-страната на Владата на Република Македонија.

За организацијата на целиот настан ќе бидат обезбедени средства од буџетот на Владата на Република Македонија, а сумата, како што информираат оттаму, ќе биде објавена веднаш штом се завршат сите пресметки.

Освен во Скопје, се славеше и во Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Охрид, Куманово, Кочани, Кичево, Прилеп, Струга, Струмица, Тетово и Штип. Изборот на градовите е направен согласно рамномерната географска застапеност. Вечерва граѓаните низ Македонија ги забавуваат и Дејан Декс, Дуке Бојаџиев, Горан Кан, Ферус Мустафов, Слаткар, Бени Нон Стоп + Златко Ориѓански, Ерик Фокс, Феки Ферис, Ареа, Кристина Арнаудова, Нокаут, Адријан Гаџа, Владо Јаневски, Лепи Џони, Баклава, Фолтин, Лозано, Дани Димитровска, Елена Ристовска, ДНК… 

погледнете го видеото и галеријата на МИА

https://www.facebook.com/dragan.antonio/videos/10156468598369804/

 

 

Слични содржини