МВР: Расчистена тешка кражба од патнички автобус од Турција, крадецот лишен од слобода

од Vladimir Zorba

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека е расчистена кражбата од патнички автобус со турски национални ознаки што се случи завчера на скопско Кале од каде што биле одземени разни предмети. Дваесет и четири годишно лице од Скопје кое насилно ја отворило вратата на автобусот и ги одзело предметите е лишено од слобода и ќе му биде поднесена кривична пријава.

– На 22.07.2023 во 19.00 часот на подрачјето на Центар полициски службеници од Единица за внатрешни работи – Одделение за криминалистички работи Центар и Бит Пазар го лишиле од слобода Р.Б.(24) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“ во автобус. Имено, на 21.07.2023 во близина на скопската тврдина Кале пријавениот со погоден алат насилно ја отворил вратата од паркиран патнички автобус со турски национални ознаки и одзел разни предмети, велат од МВР.

Оттаму исто така информираат дека со него бил извршен службен разговор, а дел од одземените предметите биле пронајдени и ќе бидат вратени на оштетените, додека по целосно документирање на случајот ќе следи кривична пријава.

Слични содржини