На какво ниво ни е безбедноста во училиштата после трагедијата во Белград: „Потребна е полиција околу дворовите и лиценцирано обезбедување што ќе врши преглед на ранците и опремата“

од Nikola Popovski

После невидениот масакр во основно училиште во Белград, очигледно е дека треба да се подигне алармот за нивото на безбедност на нашите образовни установи. Во Министерството за образование и наука, за денеска најавија средба со универзитетски професори од областа на педагогијата и психологијата, безбедноста и сајбер насилството од која се очекува да произлезат заклучоци коишто ќе бидат иницијален чекор за подигнување на институционалната грижа за правилен развој на младите. Од друга страна од МВР вчера за „Локално“ изјавија дека училиштата се безбедни и дека се преземаат мерки во таа насока.

Сепак се поставува прашањето што мислат експертите за ваквата безбедносна ситуација и дали навистина домашните служби би се можеле да се справат и превенираат тешка трагедија. Според Професорот и експерт за безбедносни прашања Александар Нацев, ситуацијата која се случи во Белград е сериозен предизвик за сите безбедносни структури бидејќи на ваквите случаи многу тешко може да се предвиди дали ваква ситуација би се случила или не.

Александар Нацев

-За да имаме на ум дали нешто вакво би се случило и за да се преземат превентивни мерки, прво треба да има добри училишни служби – психолози, наставници, педагози кои што се обучени да препознаваат одредени видови на растројство и булинг и да ги препознаат знаците кои ги покажуваат жртвите на такви дејствија за да може навремено да се алармира. Спречувањето на лице место на некој кој што е влезен во училишниот објект со огнено оружје, со намера да пука и убива, е многу тешко. Единствено може да се спречи доколку имате вооружени стражарски и чуварски служби како во САД, бидејќи таму постојано има вакви инциденти, за да може напаѓачот веднаш да биде неутрализиран. Но ние се уште не сме во таа фаза на заштита на училиштата, за да можеме да зборуваме за таков вид на заштита, анализира Нацев за „Локално“.

Профоесорот појаснува дека во нашите општини има локални совети за превенција, каде учесници има и од МВР.

-За да може да ги спречат и превенираат ваквите работи, има два начини: прво треба да се работи со децата на едукативни содржини и да се работи на обучување на наставниците и училишните служби за да препознаваат рани знаци на однесување. МВР не може само се да направи, мора има поддршка од училиштата, но и од родителите, учениците, наставниците и претставниците на студентите и средношколците, порачува соговорникот.

Тој е дециден дека треба да се зголеми обуката во училиштата за превенција на насилство и за тоа како да се реагира во вакви трауматични ситуации.

-Наставниците и вработените во училиштата се на првата линија на огнот. Децата поминуваат многу поголем дел од денот во клупите, отколку дома со родителите. Јас сум работел на едно истражување, на кое се направи чек листа на рани знаци, кои што доколку наставниците, педагозите, психолозите, ги забележат да се појавуваат, треба да се разговара со нив. Доколку тие разговори не вродат со плод, дури тогаш да се вклучат безбедносните органи, оценува Нацев.

Во однос на прашањето дали е повеќе потребно полициско присуство во и околу училишните дворови, професорот не е сигурен колку полицијата може кадровски да одговори на тоа.

-Можеби тука треба повеќе да се размисли во доменот на приватизација на обезбедувањето. Знаеме дека во некои училишта имаат организирано сопствено физичко обезбедување, кое што не мора да е 24-часовно, туку работат само додека има учениците во школските објекти. Додека навечер се фокусирани на чуварска служба, кое што треба да спречи кражби. Додека има деца во објектите преку денот, попрактично е да одговори Агенција за обезбедување, отколку да има присуство на полиција, бидејќи има многу училишта и градинки. Можеби тоа би било подобро решение, заклучува Нацев.

Со ваквиот став се согласува и поранешниот началник во МВР и аналитичар, Љубомир Ѓурчески. Во разговор за „Локално“ изјави дека мораат образовните установи да имаат редовно обезбедување од најмалку двајца вработени со лиценца, кои ќе ги вршат тие работи.

Љубомир Ѓурчески

-Се покажа во еден период кога имавме чести дојави за бомби, токму такви обучени лица можат да помогнат во правилна евакуација и напуштање на објектот за елементарни непогоди кои не можете да ги предвидете. Затоа сум поборец безбедноста на тие институции да се подигне на многу повисоко ниво и да се обезбедат средства за редовно обезбедување на тие објекти, ни рече Ѓурчески.

Истакнува дека на нашите училишта години наназад откако ги укинаа средствата за редовно обезбедување, во голема мера им се наруши степенот на безбедност на децата и вработени.

-Во оваа држава секогаш градоначалниците и локалната самоуправа мора да се грижат за безбедноста на учениците и вработените во образовните институции. Доколку би го имале тоа обезбедување кое ќе има можност да изврши преглед на ранците и опремата што ја внесуваат учениците во самите објекти, значи ќе бидат најдобрите известувачи на безбедносните служби, да можат брзо и ефикасно да реагираат и да попречат вакви дејствија. Во одделот на МВР имаме Оддел за малолетничка деликвенција и превенција, чија основна цел им е разговори и одржување на трибини од безбедносен аспект со учениците, педагозите и социолозите. Токму затоа сум голем поборец дека такво обезбедување е од интерес за вкупната безбедност, односно за задолжоителната законска соработка меѓу лицата лиценцирани за обезбедување и државните безбедносни служби. Масакрот е еден вид од најголемите терори, потенцира поранешниот полициски началник.

Ѓурчески смета дека треба повеќе полицајци околу македонските училишни дворови после овој масакр во Белград, но не и внатре.

-Тоа е една од мерките што треба МВР да ги планира по место и време, но притоа да имаат предвид поголемо задржување и поголемо присуство кај училишта и градинки, на места каде можат да ни се случат најгрозоморни дејствија. Полицијата треба да е поприсутна, но не да влегува во школските дворови, бидејќи тоа може и негативно да влијае кај децата. Да бидат забележителни и присутни околу дворовите, заклучува соговорникот.

Н.П.

Слични содржини