Од денес забрана за деца во градинка без примена вакцина

од Nikola Popovski

Од денеска Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе почне со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се целосно имунизирани со вакцината ДТП против голема кашлица.

Ова во петокот го најавија од ДСЗИ откако ја добиле одлуката од министерот за здравство Илир Демири, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, да изврши вонредни инспекциски надзори и забрани прием на деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани, или се нецелосно имунизирани со ДТП.

– Вонредните инспекциски надзори ќе започнат во понеделник, 11 март, со издавање решение за забрана на прием на деца, кои не се имунизирани или се нецелосно имунизирани со ДТП, како и други наложени епидемиски мерки, појаснуваат од ДСЗИ.

Членовите на Комисијата за заразни болести, на 5 март, препорачаа да се засили инспекцискиот надзор во градинките за да се види реалната слика со вакцинирани и невакцинирани деца со ДиТеПер вакцина против голема кашлица. Ова следуваше неколку дена откако Мета.мк го отвори прашањето за тоа, дали и колку се почитува одлуката за забрана за прием во градинка за деца кои ги немаат примено потребните дози од вакцината за пертусис.

Вакциналните пунктови работат во две смени. Досега се аплицирани повеќе од 22.300 дози вакцини.

Во земјава, согласно последната евиденција од минатата недела, регистрирани се 123 случаи на пертусис, од кои 109 од заболените лица се од Скопје. Состојбата во државата, според надлежните, е стабилна. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) секој петок информира за состојбата со оваа болест, па се очекува до крајот на денот да бидат објавен новиот број случаи во државата.

Вакцинацијата против голема кашлица во земјава се спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV). Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци. Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.

Слични содржини