Оставките на замениците министри од Алијанса за Албанците не се констатирани

од desk4

„Ние не сме дел од Владата и нашите кадри треба да бидат разрешени. Тие и онака тие не одат на работа – и доста веќе со овие политички игри. Немаме потреба од игри. Транспарентен беше моментот кога станавме дел од Владата, транспарентни бевме кога излеговме од Владата, игрите им ги препуштаме на другите“, изјави Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците

Најголемата владејачка партија вели дека Собранието, кое треба да ги констатира оставките, е блокирано со амандманите на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ појаснуваат дека новите заменци-министри ќе се избираат за две недели. Социјалдемократите не прецизираат дали ќе има проширување на владината коалиција.

„Поради блокирањето на Собранието, ќе потрае разрешувањата на замениците-министри од редовите на Алијансата за Албанците. Веруваме дека за две недели ќе има нови имиња на нивните места. За кадрите кои ќе дојдат на овие функции ќе решиме откако ќе разговараме со коалициските партнери. Се уште не знаеме дали ќе има проширување на владината коалиција“, велат од СДСМ

Од Собранието велат дека чекаат информација од владата.

„До Собранието не се доставени оставките на замениците-министри од Алијансата за Албанците. Откако премиерот ќе ги достави, претседателот на парламентот ќе го констатира прекинот на мандатот на првата седница откако ќе го прими материјалот“, одговорија од Собранието на РМ.

Алијансата реши да ја напушти коалицијата откако го загуби ресорот за здравство кој до локалните избори го водеше Арбен Таравари. Министертвото потоа го презеде Венко Филипче.

Слични содржини