Партиите ги отвораат картите: Познати шест претседателски кандидати кои влегуваат во трка за Вила Водно

од Nikola Popovski

Партиите почнаа да ги откриваат имињата на кандидатите со кои ќе влезат во трката за претседател. Веќе се познати шест кандидати. Од СДСМ вчера информираа дека раководството на партијата одлучило актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски повторно да влезе во претседателската трка. Оваа одлука деновиве ќе се најде пред членовите на Извршниот и Централниот одбор, по што ќе следат средби со коалиционите партнери.

Професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова е единствената која одговорила на јавниот повик на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за кандидат на партијата за претстојните претседателски избори, соопшти партијата. Силјановска-Давкова презентирала план, програма за работа и потребниот број потписи од делегати на партијата, а за нејзината кандидатура ќе се гласа на претстојниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 2-ри март.

Учество во претседателската трка најави и првиот човек на ГРОМ, Стевчо Јакимовски. Рече дека добил поддршка од највисокото раководство на партијата да биде кандидат на партијата за претседател, токму поради, како што посочи, неговото долгогодишно искуство, годините што ги има зад себе, белата коса, но и резултатите кои во неговото работно и политичко дејствување ги направил, како и секогаш јасните политички ставови кои јасно ги изразувал во изминатиот период.

ДУИ за денес најави голема вест. Лидерот на партијата, Али Ахмети треба да го обелодени името. Во јавноста најмногу циркулира министерот за надворешни работи Бујар Османи, како претседателски кандидат на партијата од Мала Речица.

Партиите од здружената албанска опозиција застанаа зад кандидатурата на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците. Тој вчера порача дека неговата претседателска платформа ќе се гради токму околу зајакнувањето на консензуалната демократија, во линија на мислата на Арбен Џафери.

-Моите партнери и јас целиме идното отворање на Уставот да вклучи три елементи: Внесување на Бугарите и другите малцинства во Уставот, второ, отстранување на 20-те проценти што го дефинираат албанскиот јазик, трето, изборот на претседател да се прави во Собрание а не повеќе преку избори. Ова е големата вест. На овој начин во иднина политичките сили што ги застапуваат двете најголеми националности заедно во Собранието ќе одлучуваат за распределба на трите највисоки државни функции, истакна Таравари.

Од ЗНАМ – За наша Македонија се очекува да донесат одлука во текот на денешниот ден, а ќе се бира меѓу кандидатите Максим Димитриевски или Венко Андоновски.

Уште претходно поддршка од граѓаните преку собирање на потписи, најавија д-р Вело Марковски како независен кандидат и професорката Билјана Ванковска, која ја доби поддршката од Левица.

Слични содржини