Петровска: Ковачки дојде во судница без лична карта за да не му бидат поставени прашања

од Nikola Popovski

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, преку социјалните мрежи ја информираше јавноста дека пратеникот Драган Ковачки, за да избегне да одговара на прашања во судница, се појавил без документ за идентификација. Поради тоа денеска се одложи рочиштето по тужбата на министерката за клевета.

Подмолно, како што и му личи одби да се соочи со прашањата кои требаше да му бидат поставени. Замислете, дојде во судница без документ за идентификација, без лична карта или пасош. Само за да не му бидат поставени прашата кои ќе ја разобличат неговата лага. Лесно е да се зборуваат лаги, ама тешко е да се соочиш со вистината. Правдата е спора, ама стигнува, исто како и вистината, колку и да пробуваш да ја скриеш ќе излезе на виделина, објави меѓу другото Петровска.

Ковачки се огласи преку својот Фејсбук профил.

-Многу нервоза во текстот на госпоѓа министерка!Нервозата не е предизвикана од мене, а најверојатно не е ниту од Судот. Нервозата е поради тоа што вистината ќе излезе на виделина во момент кога сдс ќе ги прави листите. А на листите пак тесно, на анкетите уште потесно- нема место за вакви политички габарити. Само 3-4 места добитни, а гужва пред гол. И што ќе речат оние кои ја прават гужвата за потенцијалните кадри кои потенцијално го кријат семејниот имот пред граѓаните, а сдс ко сдс секогаш се “грижи” за граѓаните цели 20 денови во кампања, објави меѓу другото пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Иако се уште не е завршена тужбата за плацевите во Радишани, каде Ковачки тврдеше дека министерката има хациенда, двајцата се во нов судски спор околу наводниот секс-скандал во АРМ, за кој Ковачки рече дека бил прикриван од Петровска.

Министерката изјави дека не ги сака парите на опозицискиот пратеник,туку нејзината чест е целта на првата тужба. Судењето беше отворено за јавност.

Слични содржини