РАФАЛ Преговори – НЕ. Амнестија – НЕ. Истрага и правда – ДА.

од desk2

Стаса и тој абер од Америка. Кратко, кристално јасно и едноставно, без дипломатски флоскули, високиот американски функционер му пиша на Мицкоски. Му порача да ги ослободи пратеничките и пратениците од закани. Сѐ што му напиша Вес Мичел на Христијан Мицкоски ја сублимира добрата намера на демократскиот свет за Македонија, па дури и кон самата партија на чие чело се наоѓа Мицкоски овие денови. Уште малку…

Џабир Дерала

Очигледно, завршија деновите кога Мицкоски беше на листата на лица што треба да се посетат кога светските големци доаѓаа со добри вести во Македонија. Од тие средби нешто е познато, а нешто се нагаѓа, но извесно е дека сите, од Федерика Могерини и Јоханес Хан до Ангела Меркел, една од најмоќните личности во светската политика, се обидоа во тет-а-тет средби да го поучат Мицкоски на некои основни лекции од политиката. Не знам за математика, има луѓе што го спорат и таму, но стана јасно дека на математичаров никако не му оди политиката. Особено не онаа што ќе ѝ донесе нешто добро на Македонија.

Со ова писмо, веќе и официјално се потврдува дека светот знае за притисоците што ги трпат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Мицкоски и од тие околу него, јас би додал, неговите ментори и стопани. Владата на Соединетите Американски Држави, преку писмото на Помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, бара од Мицкоски:

„Да создадете простор, јавно и приватно, за членовите на парламентот од вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните измени, ослободени од закани за насилство, одмазда или други форми на принуда“.

Значи, насилство, одмазда, принуда… Тоа е долгогодишниот дрил на секој што сакал да се искачи на високото и стрмно скалило на моќта во тоа што Мицкоски злокобно го нарекува „Организацијата“ („Организацијата е народот, народот е Организацијата“). Е, па редно е да престане ова мачно и насилничко лудило.

Ова, секако е сигнал за поддршка за премиерот Заев кој многупати христијански мирољубиво и гандиевски трпеливо нудеше и нуди и тоа што не мора и не треба. Ова е сигнал за Заев и за неговата влада дека е време да се зафати со тешка и напорна работа и да изгради правна држава, во која нема место за партиски пазарења зад затворени врати. Жолтиот картон што го доби Мицкоски во форма на писмо, без разговор, краток и смрзнувачки директен, не му ветува уште долго игра на теренот.

Ако и дојде до преговори, тие треба да траат само неколку минути, отприлика колку што е потребно да се прочита и писмото на Вес Мичел. Во тоа време, без насмевки и ракување, на Мицкоски треба да му се соопшти дека нема да добие ништо од тоа што му се ветуваше на катастрофално неуспешните лидерски средби што тој и неговата придружничка сесрдно ги минираа. Треба да му се соопшти само дека може да се слика со своите барања и да престане со заканите. Бидејќи, за „закани за насилство, одмазда или други форми на принуда“ постојат сериозни одредби во Кривичниот законик.

Нема простор за преговори, туку за темелна истрага, по што правосудните институции ќе имаат обврска да постапат. Таа истрага, секако, не смее да ја заобиколи вилата на Водно, каде што Ѓорге Фикус Иванов се притаил деновиве во некоја лоѓија. А насилниците од 27 април што се сега во притвор, домашен притвор или тукушто ослободени, кај да е, ќе „пропеат“ кој е архитектот на ѕверските насилства.

Крајно време е за избори. Но, внатре, во ВМРО. Ако сакаат да си ја спасат партијата, членовите на оваа партија мораат да ја демократизираат. Имаат терк, реформаторите како Петар Богојевски, Александар Михајлоски и други, своевремено подготвија статутарни измени и демократски процедури што ќе ѝ отворат пат на партијата кон модерниот свет и солиден, ако не и решавачки, резултат на некој од наредните изборни процеси.

Во меѓувреме, членовите и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат историска шанса да бидат дел од историскиот од кон подобрата иднина на нашиот заеднички дом, Македонија.

Друга приказна се тие што си ја продале душата и образот на криминалното и политичкото подземје финансирани со валканите пари на Фамилијата и со рубљите на Путин. Пристојни луѓе мораат да ги изолираат и да си продолжат со животот, како што Мицкоски и неговите стопани во моментов се најизолираните души во Европа.

Ова е пресуден миг кога религијата од било кој континент треба да ја замени политичката мудрост и решителност да завладее правото. Без амнестија. Добро, за сведочење што ќе ги одведе институциите на правдата до прагот на Кумовите, може да се биде милостив, што исто така е предвидено во законот./Civil media

Слични содржини