Рамадани: Нормализација на односите меѓу Косово и Србија, значи и нормализација на целиот регион

од Nikola Popovski

Договорот што на 4-ти септември го потпишаа српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Авдулах Хоти во присуство на американскиот претседател, Доналд Трамп, долго време е вест број еден, не само во регионот, туку и пошироко.

По дводневните преговори во Белата куќа, двете земји се согласија за нормализација на економските односи, но и за една посебна точка од договорот, која се однесува на Израел. Иако, покрај билатералниот договор, многумина очекуваа изненадување и меѓусебно признавање на двете земји, сепак до тоа не дојде.

Што всушност содржи договорот?

Во една од точките од договорот, Косово се согласи на едногодишен мораториум на барањето членство во меѓународни организации, а Србија се согласи една година да се откаже од кампањата со која бара држави да го повлечат признавањето на независноста на Косово.

Првата точка од договорот за економска нормализација се однесува на автопатот Белград-Приштина. Двете страни се обврзале да го применат договореното за автопатот во договорот потпишан на 14 февруари, 2020, стои во денешниот договор.

Втората точка се однесува на железничката пруга од Белград до Приштина, како и на тоа дека треба да изработат заедничка студија за изводливоста на проектот за изградба на железничка инфраструктура до пристаништата на Јадранско Море.

Се наведува и дека Косово и Србија ќе соработуваат со Меѓународната финансиска корпорација за развој на САД и ЕКСИМ банката на САД за меморандуми за разбирање со цел да се постигне следното: автопат на мирот; железничко поврзување помеѓу Приштина-Мердаре и Ниш-Приштина; обезбедување средства за заеми за мали и средни претпријатија; дополнителни билатерални проекти; постојано присуство на американската Меѓунардона финансиска корпорација за развој во Белград.

Во договорот стои и дека Косово ќе се придружи на „Мини шенген“. Станува збор за заедничката иницијатива на Србија, Албанија и С. Македонија од 2019, за слободен проток на стоки и луѓе. Двете страни се обврзале взаемно да си ги признаат дипломите и професионалните сертификати.

Земјите ќе ги забрзаат и напорите за лоцирање и идентификување на исчезнатите лица, ќе се посветат на идентификување и спроведување на долгорочни, трајни решенија за бегалците и внатрешно раселените лица. Тие исто така се обврзуваат да назначат лице кое ќе биде задолжено за овие активности во рамки на министерствата и за координација помеѓу Белград и Приштина, како и да обезбедува ажурирани информации на годишно ниво за бројот на решени и нерешени случаи

Диверзификација на снабдувањето со енергија, како и религиските слободи исто така се предмет на договорот. Се согласиле на обнова на меѓурелигискиот дијалог, заштита на верските знаменитости и на примена на судските одлуки со кои се штити Српската православна црква, како и да се продолжи со реституција на имотите на жртвите на холокустот кои немаат наследник.

Единствената разлика е последната точка, според која Србија е согласна до 20 септември 2020 да отвори државна канцеларија во Ерусалим, а до 1 јули 2020 да ја префрли својата амбасада во Ерусалим. Оваа точка во договорот за Косово, пак, предвидува дека Косово и Израел ќе имаат меѓусебни признавања.

Што носи овој договор во иднина за целокупниот регион и какво влијание би имал на С. Македонија?

Политичкиот аналитичар и поранешен пратеник, Исмет Рамадани во разговор за Локално, изјави дека секој договор и кога е со компромис е добар затоа што се работи за две држави кои се уште во т.н. конфликт кој тлее.

„Се разбира во такви односи има секојдневни проблеми кои имаат големо влијание во регионот. Мислам дека е добар договор кога станува збор за економските односи, затоа што со такво финансирање на капиталните објекти како што се железничката пруга, автопатот и инфраструктурата е одлична можност за подобра комуникација. И С. Македонија како држава, на еден начин ќе биде приклучена во таа инфраструктура. Самиот факт што целиот процес оди кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, значи и нормализација на целокупниот регион“, смета Рамадани.

Иако двете страни прогласија победа со потпишаниот договор, на прашањето дали воопшто има губитник од овој состанок во Белата куќа, Рамадани вели дека секогаш договорите кои се толку значајни, треба да завршат со еден впечаток на двете страни дека се во „вин-вин“ ситуација.

„Таквата ситуација е добра. Од друга страна, никогаш нема да се постигне договор ако едната страна мисли дека тие добиле, а другата изгубила, иако имавме и такви изјави. Сепак, таквите изјави се само за внатрешна употреба и сметам дека дека Вучиќ и Хоти треба да бидат внимателни со излагањата пред нивната домашна јавност“.

За тоа дали овој договор е само „трик“ на Трамп да му помогне во неговата изборна кампања и дали договорот би се испочитувал во иднина, доколку дојде до промена на власта во САД, аналитичарот тврди дека договорите кои се потпишуваат во присуство на претседател на една држава, посебно од ваков тип, се почитуваат и понатака.

„Се работи за сериозна администрација и во однос на меѓународната и надворешната политика, американската политика е стандардна и во континуитет. Не верувам дека ќе дојде до промена во договорот, без разлика кој е на власт во САД“, изјави Рамадани.

Сепак, според него најголемото изненадување е признавањето на Косово од страна на Израел и отворањето на косовската амбасада во Ерусалим.

„Да те признае Израел е голема работа, посебно за Косово, затоа што знаеме дека еврејската заедница во светот, посебно во САД, е многу влијателна. Сепак, тие се повеќе присутни и во американската администрација. Косово добива многу со ова, и во однос на надворешната политика и во однос на економскиот развој. Израелците се истакнати во светот со нивните проекти и нивната технологија за развој на земјоделството“, вели Рамадани.

Со оглед на тоа дека ЕУ не е задоволна од потпишаниот договор и се противи на отворањето на амбасадата на Косово во Ерусалим, Рамадани вели дека тоа се однесува на фактот што најголемите европски земји не се согласуваат со политиката на Трамп за дислоцирањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.

„Со тоа, ЕУ смета дека ќе се појават нови тензии меѓу Израел и арапските земји. ЕУ е многу повнимателна во овие потези и тоа е нивна генерална политика во однос на овој чин на Трамп. Нормално дека покажуваат резерва и во однос на отворањето на амбасадите, во овој случај косовската и српската во Ерусалим“, заклучува Рамадани.

По враќањето од Вашингтон, и српската и косовската страна се декларираат како победници и се задоволни од потпишаниот договор. Српскиот претседател, Александар Вучиќ во денешното интервју за РТС изјавил дека со потпишувањето на договорот, Србија успеала да ги отвори вратите во Белата куќа и дека била означена како важен партнер.

Сите Албанци, и Хоти и Харадинај, сите албански лидери зборуваа за тоа дека во Вашингтон одат по меѓусебно признавање. Го слушавме тоа и во Србија од ние кои не ѝ посакуваат на Србија ништо добро. Кога тоа го одбивме повеќе никој не зборуваше за тоа. Единствена тема беше дали сум седел, како сум седел. Во просторијата каде што седев стоеја Гренел и Кушнер. Тие стоеја додека ние седевме и тоа не беше проблем. Можев да бидам на итисон, на паркет, зошто знаев што правам. Се борам за интересите на својата земја. Беше тешко, со ноќи не спиев“, вели Вучиќ.

Според него, Србија ѝ претходно имала неколку важни американски инвестиции, но со договорот во Вашингтон, направиле простор за десет пати повеќе.

Во средата, израелскиот „Ерусалим пост“ објави изјава на висок функционер близок до српскиот претседател, кој соопштил дека признавањето на Косово како независна земја од страна на Израел ќе ги влоши односите со Србија, и покрај фактот дека тоа е во рамките на договорот што Белград и Приштина го потпишаа во Белата куќа.

„Србија нема да ја премести својата амбасада во Ерусалим ако Израел го признае Косово како независна земја“, рекол изворот, кој е запознат со договорот потпишан во Вашингтон“, се вели во текстот.

„Покрај тоа, овој потег на Израел би им наштетил на инаку добрите односи меѓу Израел и Србија и тие никогаш нема да бидат исти. Тоа е толку едноставно“, изјавил изворот близок до Вучиќ.

Косовскиот премиер, Авдулах Хоти, во изјава за печатот вели не се сомнева дека договорот ќе се спроведе.

„Беше заклучено во Белата куќа и не верувам дека која било друга канцеларија има поголем кредибилитет да обезбеди спроведување на договорот“, додаде Хоти.

Како што изјави, признавањето на Израел не е изненадување, бидејќи тие биле во контакт со Белата куќа. Сепак, премиерот на Косово е изненаден од брзината на постигнувањето договор за меѓусебно признавање, практично 22 минути по потпишувањето на договорот во Белата куќа.

Н.П.

Слични содржини